ТАЖНА ВЕСТ – Почина Гордана Дувњак истакната новинарка со децениска кариера
Кариера долга повеќе од три децении посветена на политиката и правосудството.

По долго боледување почина новинарката и уредничка Гордана Дувњак, едно од препознатливите имиња во македонското новинарство, особено во сферата на политиката и правосудството.
Нејзината кариера започнала во 1988 година во Македонската радио-телевизија, каде што работела две години. Потоа, од 1991 до 1999 година била дел од редакцијата на „Нова Македонија“. Следувал нејзиниот долгогодишен ангажман во „Утрински весник“, каде што од 1999 до 2017 година работела како новинарка и уредничка.
Во 2017 година го продолжила професионалниот пат во порталот „Макфакс“, а една година подоцна станала дел од телевизијата „1ТВ“, каде што исто така извршувала уредничка функција. Од 2019 година работела во неделникот „Фокус“.
Веста за нејзината смрт ја соопшти нејзиниот син Мартин Дувњак, кој со емотивни зборови ја опиша како посветена мајка, борец и врвен професионалец.
Семејството ја памети како силна поддршка и столб, личност која целосно се посветила на своите најблиски и на својата професија.
Погребот ќе се одржи утре во капелата во Бутел во 11 часот, а во 12 часот на гробиштата во Бутел.
Со нејзиното заминување, македонското новинарство губи искусен и посветен професионалец, чиј придонес ќе остане трајно запаметен. Почина на 61-годишна возраст.
