ДРАМА ВО ПЕРСИСКИОТ ЗАЛИВ – САД запленија ирански брод, Техеран најавува жесток одговор
Ормутскиот теснец повторно станува жариште на глобалните конфликти.

Техеран оцени дека запленувањето на ирански товарен брод од страна на американските сили претставува напад и сериозно кршење на примирјето, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Исмаил Бакаџ.
Тој предупреди дека ваквиот инцидент дополнително ги влошува односите и ја доведува во прашање стабилноста во регионот, додека одлуката за продолжување на преговорите со САД сè уште не е донесена.
Бакаџ истакна дека се случува, како што го нарече, своевидна „поморска блокада“ во Ормутскиот теснец, и додаде дека неодамнешните напади врз ирански трговски бродови Техеран ги смета за дел од прекршување на примирјето. Според него, надлежните институции спроведуваат истрага, а резултатите ќе бидат објавени подоцна.
Иранскиот портпарол ги обвини САД и Израел за зголемување на тензиите во Персискиот Залив и Ормутскиот теснец, тврдејќи дека регионот бил стабилен до неодамна. Тој повика меѓународната заедница да ги повика на одговорност оние што, според Техеран, придонесуваат за дестабилизација.
Исто така, Бакаџ нагласи дека Иран нема да прифати ултиматуми и дека ќе одговори на секоја понатамошна ескалација. Според него, земјата останува цврста на своите позиции и јасно ги дефинирала своите „црвени линии“.
Во меѓувреме, американската страна најави нови дипломатски контакти со Иран, додека истовремено постојат и закани за дополнителни мерки доколку не се постигне договор.
Претходно, американската Централна команда потврди запленување на ирански товарен брод во регионот на Оманскиот Залив, а ситуацијата во Ормутскиот теснец останува напната поради ограничувањата и контроверзиите околу поморскиот сообраќај.
