РАСТ НА ЦЕНАТА НА ПАЗАРИТЕ – Нафтата скокна над 97 долари
Експертите предупредуваат на можни нови ценовни шокови на нафтата.

Цените на нафтата денеска бележат нагло зголемување, откако обновените тензии меѓу САД и Иран повторно ги разнишаа глобалните пазари, пренесува ДПА.
Нафтата од типот „брент“ за испорака се тргуваше со раст од над 7 отсто во однос на минатата недела, достигнувајќи околу 97 долари за барел. Истовремено, американската референтна нафта „West Texas Intermediate“ (WTI) исто така забележа значителен раст. За споредба, на почетокот на ескалацијата кон крајот на февруари, „брент“ се движеше под 70 долари за барел.
Покачувањето доаѓа по нови тензии во Ормутската Теснина, каде американската морнарица вчера заплени ирански брод.
Според соопштението на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), бродот се движел кон иранското пристаниште Бандар Абас кога бил пресретнат. Техеран остро реагираше, нарекувајќи го потегот „вооружена пиратерија“ и најави можни мерки за одмазда.
Инцидентот дополнително ги влошува односите меѓу Вашингтон и Техеран, само неколку дена пред истекот на договорот за привремен прекин на огнот.
Во меѓувреме, американската делегација денеска треба да отпатува за Исламабад на нова рунда разговори со Иран, но Техеран сè уште не го потврдил своето учество. Според иранската државна агенција ИРНА, иранската страна засега одбива одржување на втората средба.
