ИЗБРАНИ ВРХОВНИ И СУДИИ ВО ОСНОВНИ СУДИИ, НО КАВГА НЕ ИЗОСТАНА Поделби во Советот и обвинувања за необјективност
Кандидати без интегритет, сомнежи во постапката и расправии – како Судскиот совет ги избираше новите врховни судии.

Судскиот совет на денешната седница ги избра Зоран Димитриевски и Татјана Дуковска за судии во кривичната област на Врховниот суд. И двајцата доаѓаат од Апелациониот суд – Скопје. За судија во граѓанската област на Врховниот суд е избрана Маја Маркова, додека кандидатите Јетмир Ајдини Бошњаков, Наташа Савовска Димитровска и Рафиз Идризи не беа избрани.
Како што информираше претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, објавен бил оглас за избор на шест врховни судии – три во граѓанската и три во кривичната област. По спроведена постапка од страна на Комисијата, беше доставен извештај со конечна ранг-листа на кандидатите.
Известителката и претседателка на Комисијата, Павлина Црвенковска, информираше дека за кривичната област конкурирале само двајца кандидати – Димитриевски и Дуковска. Изборот не мина без дискусии – членката на Советот Весна Дамева побара изземање од гласањето за нив поради судски предмет во кој нејзиниот сопруг се јавува како одговорно лице во правно лице оштетено во постапка во која учествувале кандидатите.
Во однос на изборот на граѓанските судии, Дамева побара поништување на огласот и распишување нов, со образложение дека нема услови за реален и објективен избор. „Станува збор за унапредување на судии во највисокиот суд. Јас нема да го дадам мојот глас во овие околности, бидејќи изборот нема да биде објективен“, изјави таа.
Комисијата, пак, смета дека нема законски пречки за избор. „Иако постојат одредени околности, тоа не претставува формална пречка“, рече Црвенковска.
Предлогот на Дамева за поништување на огласот беше одбиен со 10 гласа „против“ и само два „за“. Во продолжение на седницата не беа избрани кандидатите Јетмир Ајдини Бошњаков, Наташа Савовска Димитровска и Рафиз Идризи, поради, како што наведоа дел од членовите, недостиг на интегритет и кредибилитет.
Покрај изборите за Врховниот суд, беа донесени одлуки и за повеќе основни судови. Наташа Андреева е избрана за судија во Основен суд Велес, Дерим Полиси во Основен суд Струга. За Основен граѓански суд – Скопје избрани се Емилија Борисавлевиќ Александровска, Јасна Ушковска, Звезда Илиеска, Елена Лукарева, Марко Кржаловски, Софче Китанова Проданов и Маја Гроздановска.
Во Основен кривичен суд – Скопје, судии станаа Александра Адеми, Берниса Рахиќ, Ирена Јаниќ, Роберт Митевски, Билјана Тодоровска, Сулејман Сулејмановски, Сибил Сефејдинова, Фатус Јусуфи и Фитим Лога.
Мирослав Георгиевски беше едногласно избран за претседател на Основен суд Кратово со 12 гласа „за“.


