УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ДОБИВААТ НОВИ ПРАВИЛА – Еве што се смени во последен момент
Академската фела делумно задоволна, Владата уверува во компромис

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека е задоволна од новото законско решение за високото образование, нагласувајќи дека тоа не ја нарушува автономијата на универзитетите.
Во телевизиско интервју таа истакна дека направените измени се резултат на прифатени сугестии од академската заедница. Според неа, и ректорите на државните универзитети, кои присуствувале на средба во Владата, немале забелешки во однос на прашањето за автономијата.
Сепак, како што појасни Јаневска, направени се одредени отстапки. Во Универзитетскиот совет, наместо првично предвидените тројца, ќе има двајца претставници од Владата, како и еден член од стопанските комори.
Министерката посочи дека се прифатени и забелешките дека не може да важат исти критериуми за избор во звања во општествените и техничките науки. Дополнително, ќе се воведе уште една база за јазиците.
Во однос на критериумите за напредување, намален е бројот на потребни трудови за избор во повисоки звања и реизбор. Ќе бидат прифатени трудови индексирaни во СКОПУС, а во игра е и уште една база. Исто така, при првиот следен избор, кандидатите ќе бидат ослободени од условите поврзани со импакт фактор и ХА-индекс.
Јаневска додаде дека за уметничките универзитети се направени дополнителни отстапки, при што, во соработка со деканите, е најдено заедничко решение со цел да не се соочат со недостиг на кадар.
