ОРБАН ПО ПОРАЗОТ ЈА ОТВОРИ ДУШАТА – Јас сум виновен
Отворена опција за останување или повлекување од лидерската позиција.

Во своето прво поголемо интервју по изборниот пораз, унгарскиот премиер Виктор Орбан ја презеде одговорноста за резултатите, нагласувајќи дека како лидер на партијата Фидес тој е директно одговорен за исходот.
Тој призна дека кампањата не го дала очекуваниот резултат и дека уште во изборната ноќ било јасно дека постои незадоволство кај гласачите. Според него, клучен фактор бил повисоката излезност, при што новите гласачи масовно гласале против неговата партија.
Орбан истакна дека резултатот претставува сериозен пораз и дека Фидес ќе мора да помине низ внатрешна реконструкција. Во таа насока најави можен партиски конгрес и промени во раководството, вклучувајќи ги претседателските и потпретседателските позиции.
Тој додаде дека е подготвен да остане на чело на партијата или да се повлече во зависност од одлуката на тимот, нагласувајќи дека ќе ја прифати секоја одлука за идното водство.
Орбан оцени дека проблемите во кампањата биле поврзани со погрешни претпоставки за излезноста и со незадоволството кај дел од гласачите. Според него, дополнително влијание имале и критиките за начинот на живот на дел од политичката елита околу Фидес.
Тој најави дека партијата ќе анализира каде се направени грешките и дека ќе се обиде да се реорганизира за да биде повторно политички конкурентна.
