ЃАВОЛОТ ВО ЦЕНТАР НА СКАНДАЛОТ – Поранешен државен правобранител призна вина за поткуп од 50.000 евра
Склучена спогодба со Обвинителството, признаена вина и прифатена затворска казна.

Поранешниот државен правобранител и адвокат Фехми Стафа склучи спогодба со Обвинителството, при што прифати затворска казна од една година и три месеци. Тој ја призна вината за примање поткуп во износ од 50.000 евра, пари кои биле наменети за влијание врз судска одлука во предметот „Синџир“.
Според обвинението, Стафа ги примил средствата со цел да изврши влијание врз судија од скопска Апелација во корист на неговиот клиент Љупчо Пецов – „Ѓаволот“.
Со прифаќањето на спогодбата, Стафа се откажал од правото на жалба, со што постапката ќе биде завршена побрзо и без изведување на докази.
Истрагата во случајот е проширена и кон судијата од Апелациониот суд, Ѓоко Ристов. При претрес во неговиот дом во Неготино биле пронајдени околу 350.000 евра скриени во ѕид, за кои постои сомнеж дека потекнуваат од незаконски активности.
Според неофицијални информации, Стафа одлучил да соработува со истражните органи, што би можело да придонесе за откривање на нови случаи на корупција во правосудниот систем.
