ВРЕДИ СТАНУВА ЕДНА ПАРТИЈА И ТРГНУВА ВО ОФАНЗИВА – На ДУИ и порачаа да се спрема за пензија

Како што информираа по состанокот, „Вреди“ потврдува дека Владата е стабилна и дека нема потреба од предвремени парламентарни избори.

ВРЕДИ СТАНУВА ЕДНА ПАРТИЈА И ТРГНУВА ВО ОФАНЗИВА – На ДУИ и порачаа да се спрема за пензија

Лидерите на коалицијата „Вреди“ попладнево одржаа средба на која разговараа за понатамошното дејствување како еден политички субјект. Како што информираа по состанокот, „Вреди“ потврдува дека Владата е стабилна и дека нема потреба од предвремени парламентарни избори. Во фокусот се ставени подготовките за претстојните локални избори, закажани за октомври, на кои коалицијата ќе настапи со партиски, но и со независни кандидати – граѓани професионалци од различни области.

„Интенцијата е да им дадеме избор на граѓаните. Се договоривме сите политички субјекти да се стопат во ‘Вреди’, за граѓаните во албанскиот политички кампус повторно да имаат можност да избираат меѓу ДУИ и ‘Вреди’“, изјави Изет Меџити, претседател на Демократското движење, прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.

Според него, „Вреди“ не само што ќе функционира како еден политички субјект, туку и ќе се отвори кон граѓанскиот сектор, нудејќи советнички листи и кандидатури за градоначалници со најдобрите кадри од заедницата, без оглед на нивната партиска припадност.

„Не мора некој да има партиски дрес ако е добар. Ќе има случаи и на независни кандидати поддржани од ‘Вреди’. Целта е да се заокружи победата од парламентарните избори и да се продолжи со промените што граѓаните ги чувствуваат“, додаде Меџити.

Тој потенцираше дека вечерва нема да се избере претседател на „Вреди“, туку ќе се конституира претседателството на коалицијата, кое ќе го води процесот на формирање изборни штабови и креирање листи за претстојните избори.

Во однос на партнерството со „Влен“, Меџити изјави дека се работи за рамноправност и заедничка борба против Европскиот фронт. Тој посочи дека Владата е стабилна и дека нема аргументи или бројки кои би наложиле одржување на предвремени парламентарни избори.

„Во историјата на Македонија не знам друга влада што имала толкав број пратеници. Мнозинството е стабилно. Ние сме фокусирани на реализирање на точките од нашата програма – проекти што не се реализирани 20 години, како канализацијата во Кичево“, нагласи Меџити.

И Аднан Азизи од Движењето Беса пред состанокот изјави дека ќе се разговара за многу теми, но беше дециден дека нема потреба од предвремени избори. Според него, ДУИ ја користи темата за избори за да го дефокусира вниманието на јавноста.

„ДУИ ќе доживее дебакл на локалните избори и ќе оди во пензија“, изјави Азизи, додавајќи дека состаноците на коалицијата се редовни и по нив ќе следува соодветна информација за донесените одлуки.

CATEGORIES
Share This