СОБРАНИЕТО РЕШИ – Продолжена енергетската криза, еве до кога

Кризната состојба продолжена поради ризици во снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

СОБРАНИЕТО РЕШИ – Продолжена енергетската криза, еве до кога
Фото: Национал

Собранието денеска на пленарна седница донесе одлука за продолжување на кризната состојба на територијата на Северна Македонија поради ризици од нарушено снабдување со нафта и нафтени деривати. Кризната состојба ќе важи до 20 јули 2026 година, а нејзината примена започнува од 21 април 2026 година, по објавувањето во „Службен весник“.

Одлуката следи по предупредувањата за влошена меѓународна енергетска и безбедносна ситуација, предизвикана од ескалација на конфликтите на Блискиот Исток и нарушувања во транспортот на сурова нафта преку Ормуската Теснина, еден од клучните светски енергетски правци. Според надлежните, намалениот проток на нафта преку овој премин може да предизвика глобален недостиг и раст на цените, што би се одразило и на домашниот пазар.

Владата веќе спроведува мерки за ублажување на последиците, меѓу кои намалување на ДДВ за енергенси и намалување на акцизите за дизел и бензин, со цел заштита на стандардот на граѓаните и стабилно снабдување.

Продолжувањето е поддржано од релевантните институции, кои оцениле дека причините за прогласување на кризата сè уште не се надминати. Со оваа одлука, Владата и институциите продолжуваат со координирано управување и мерки за сигурно снабдување со енергенти.

CATEGORIES
Share This