ПРОТЕСТ НА ПОВИДОК – Културните работници излегуваат на улица, Љутков најави итен состанок
Министерството и синдикатите во итни преговори и решението сè уште неизвесно.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, изјави дека прашањето околу Колективниот договор за култура е во фаза на преиспитување и дека наскоро ќе продолжат разговорите со синдикатите.
Тој појасни дека договорот не е укинат, туку дека Уставниот суд започнал постапка за негово преиспитување.
„Не станува збор за укинување на колективниот договор за култура, туку Уставниот суд донесе одлука за негово преиспитување. Денеска испративме порака до синдикатите и веќе утре ќе ја реактивираме работната група која постои од претходно. Планиран е заеднички состанок, по што ќе разговараме како ќе се постапува понатаму. Засега нема да давам посебни ставови додека не се сретнеме со синдикатите“ – изјави Љутков.
Тој додава дека средбата е закажана за утре попладне.
Во меѓувреме, Колективниот договор за култура повторно предизвикува тензии меѓу институциите и вработените во културниот сектор. Синдикатот на културата на Македонија најави протест за денеска, 16 април пред Министерството за култура, реагирајќи на, како што велат, непочитување на колективните договори и институционално игнорирање на културните работници, како и на проблеми со пресметката на платите за оваа година. Уставниот суд во меѓувреме отвори постапка за оценување на уставноста и законитоста на договорот.
