ИНФАНТИНО ЈАСНО ПРЕСЕЧЕ – Иран доаѓа, контроверзиите завршени
ФИФА ги отфрли сите дилеми околу учеството на Иран на Светското првенство.

Помалку од два месеца нè делат од почетокот на Светското првенство во фудбал, кое годинава ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, а главното прашање што се наметнува е дали Иран дефинитивно ќе настапи или ќе има промени во составот на учесниците.
Иран претходно побара своите натпревари да бидат преместени од САД во Мексико, но ФИФА го одби барањето. По краток период на тишина, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, стави крај на шпекулациите околу нивниот настап.
Во своето обраќање на форумот „Invest in America“ во Вашингтон, Инфантино беше дециден:
„Иран доаѓа, сигурно. Се надеваме дека до тогаш ситуацијата ќе биде мирна, што би било најдобро за сите. Тие се квалификуваа, ги претставуваат своите навивачи и играчите сакаат да играат.“
Тој додаде дека неодамна ја посетил иранската репрезентација во нивниот тренинг-камп во Турција, нагласувајќи дека спортот мора да остане надвор од политиката.
„Ги посетив пред две недели. Тие сакаат да играат и заслужуваат да играат. Ако нема кој да гради мостови, ние ќе се обидеме да го направиме тоа,“ истакна Инфантино.
Според најавите, Иран треба да пристигне во тренинг-кампот во Тусон најдоцна до 10 јуни, а своите натпревари ќе ги игра на американско тло. Во групната фаза, тие прво ќе се соочат со Нов Зеланд на 15 јуни, потоа со Белгија на 21 јуни и со Египет на 26 јуни.
