НЕ МОЖЕМЕ ДА СИ ДОЗВОЛИМЕ УШТЕ ЕДНА ИЗГУБЕНА ДЕЦЕНИЈА – Силни пораки од премиерот
Законските измени од 2018 година оставиле сериозни последици врз универзитетите.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека образованието претставува клучна основа за развојот на секое општество и дека долги години во државата се правеле, како што рече, погрешни експерименти во оваа област.
На заедничка прес-конференција со министерката за образование, тој истакна дека последиците од законските измени во високото образование од 2018 година се чувствуваат и денес, посочувајќи на намалени критериуми за напредување, послаба научна продукција и недоволна финансиска поддршка за универзитетите. Според него, во тој период не била направена сериозна евалуација ниту биле понудени суштински решенија.
Мицкоски нагласи дека Владата сега пристапува поинаку и дека реформите се прават во соработка со академската заедница, а не со наметнување. Тој додаде дека е воспоставен партнерски однос со универзитетите при изработката на новиот закон за високо образование, кој треба да одговори на актуелните предизвици и да отвори нови можности за развој.
Како дел од најавените измени, премиерот посочи дека најдобрите студенти ќе имаат предност при вработување на државните универзитети и дека ќе се воведе нов модел на финансирање на високото образование. Тој информираше и дека буџетот за универзитетите изнесува 7,5 милијарди денари и дека се планира натамошно зголемување, со посебен акцент на развојот на науката и истражувањето.
Министерката за образование нагласи дека во подготовката на законот биле земени предвид ставовите од дебатите на универзитетите и дека во текстот се вградени конструктивните предлози од академската заедница.
