КОС: МАКЕДОНИЈА Е ТАЖНА ПРИКАЗНА НА БАЛКАНОТ Другите на Балканот се поблиску до членство во ЕУ
Знаете, ако Украина би чекала колку што чека Северна Македонија на почеток на преговори, тогаш преговорите за Украина би започнале дури во 2045 година

Косово, Северна Македонија и БиХ – тажни приказни на патот кон ЕУ, вели еврокомесарката Кос
Косово, Северна Македонија и Босна и Херцеговина се трите најтажни примери на Балканот кога станува збор за процесот на проширување на Европската Унија. Ова го изјави еврокомесарката за проширување, Марта Кос, во интервју за „Радио Слободна Европа“.
„Косово е тажна приказна затоа што не може да тргне понатаму. Втора е Северна Македонија. Знаете, ако Украина би чекала колку што чека Северна Македонија на почеток на преговори, тогаш преговорите за Украина би започнале дури во 2045 година. И тука е Босна и Херцеговина“, рече Кос.
Таа нагласи дека Црна Гора и Албанија се најблиску до членство во ЕУ, и покрај бројните предизвици на целиот регион.
Во однос на позитивните примери, Кос ја посочи Словенија, која, според неа, откако станала членка на ЕУ, значително напредувала.
„Бев неодамна во Словенија и можам да кажам дека тој регион денес е во многу аспекти подобрен во споредба со состојбата пред 20 години, односно пред зачленувањето во ЕУ“, изјави таа.
За Србија, Кос најави дека во наредните денови ќе има средба со новиот премиер, при што ќе се разговара за европскиот интегративен пат на земјата.
Еврокомесарката оцени дека глобалната политичка карта доживеала значајни промени со новиот претседател на САД, а тоа, според неа, влијае и врз процесот на проширување на ЕУ.
„Многу нешта се сменија од кога бев кандидатка за комесарка. Проширувањето денес е различно отколку пред пет години. Последните месеци донесоа големи промени, особено со изборите во САД. Денес се враќаме на основните вредности поради кои е создадена ЕУ – сигурност и мир. Не смееме да потфрлиме во процесот на проширување“, потенцираше Кос.


