НОВ РОК, НОВИ ПАРИ, СТАРИ ПРОБЛЕМИ – Дали конечно ќе се вози по Кичево-Охрид?

Проектот вреден стотици милиони евра добива нов модел на финансирање.

НОВ РОК, НОВИ ПАРИ, СТАРИ ПРОБЛЕМИ – Дали конечно ќе се вози по Кичево-Охрид?
Фото: Национал

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид повеќе нема да се финансира со заем од кинеската банка Export-Import Bank of China, туку неговото завршување ќе се обезбеди преку домашен банкарски конзорциум. Ова го соопшти премиерот Христијан Мицкоски за време на посетата на Струга.

Тој истакна дека работите на делниците од коридорите 8 и 10 се одвиваат според планот, додека кај автопатот Кичево-Охрид биле надминати проблемите со финансирањето. Според него, новиот модел со домашни банки ќе овозможи проектот конечно да биде завршен и ставен во функција.

Од Владата беше потсетено дека новиот рок за завршување на автопатот е 31 мај 2027 година, согласно анексот 8 на договорот меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и кинескиот изведувач Sinohydro. Анексот предвидува дополнителни 186 милиони евра за стабилизација на свлечишта, изградба на галерии, пристапни патишта и контролни центри за тунелите.

Премиерот посочи дека автопатот долг 57 километри, чија изградба започна во 2014 година, досега е делумно завршен, со околу 40 километри пуштени во употреба. Вкупната вредност на проектот, според последните пресметки, достигнува околу 784 милиони евра.

Во однос на другите инфраструктурни проекти, Мицкоски нагласи дека напредуваат делниците Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола, кои се дел од коридорите 8 и 10-д.

Тој исто така се осврна на прашањата поврзани со трасата во заштитени подрачја, нагласувајќи дека во јуни се очекува посета на експерти од УНЕСКО, по што ќе бидат појасни препораките. Премиерот порача дека инфраструктурата и заштитата на културното и природното наследство мора да се усогласат.

Проектите поврзани со Коридор 8 и Коридор 10, според Владата, остануваат приоритет и се реализираат со засилена динамика.

CATEGORIES
Share This