ПОЧИНА ДУШКО ВУЈОШЕВИЌ – Кошаркарската легенда на Партизан
Легендарниот тренер на Партизан со години се бореше со здравствени проблеми, но остави неизбришлив белег во српската и европската кошарка.

Познатиот кошаркарски тренер Душко Вујошевиќ, кој остави неизбришлив белег во српскиот спорт и низ цела Европа, почина денес на 68-годишна возраст.
Душко со години се бореше со сериозни здравствени проблеми. Во 2018 година зборуваше за тешкотиите со срцето и крвните садови и откри дека чека трансплантација на бубрег, која се изврши во мај 2025 година во Минск, Белорусија. По успешната операција, тој продолжи со постоперативна терапија, но здравствената состојба се влоши, по што беше хоспитализиран во Белград на 14 март. За жал, неколку дена подоцна Душко ја загуби битката за живот.
Љубовта на неговиот живот клубот Партизан исто така се збогуваше со него:
„Збогум, Душко. Семејството Вујошевиќ и кошаркарскиот клуб Партизан со длабока тага ја примија веста дека денес, 8 април, почина легендарниот Душко Вујошевиќ. Сопругата Ана и синот Лука ја потврдија информацијата за која сите се плашевме, откако здравјето на неповторливиот црно-бел генерал се влоши пред неколку недели. КК Партизан им упатува сочувство на семејството, а јавноста ќе биде дополнително информирана за времето и местото на комеморацијата и погребот.“
Душко Вујошевиќ е роден во 1959 година во Подгорица. Во својата богата кариера, тој тренираше многу клубови, како и национални репрезентации на Југославија, Србија и Црна Гора, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Ќе остане запаметен како најтрофејниот тренер во историјата на Партизан, со 12 титули во националните првенства, пет титули во регионалната АБА лига, пет национални купови, победа во меѓународниот Куп „Радивој Кораќ“ и две учества на Фајнал-форот на Евролигата.
