РЕВОЛУЦИОНЕРНО ДЕЛО – Што навистина мислел Мисирков
Новата монографија на Ганка Цветанова нуди неочекуван увид во делото на Крсте Петков Мисирков.

Монографијата „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: за македонскиот идентитет и за нацијата“ од проф. д-р Ганка Цветанова, во издание на Арс ламина, беше промовирана во Музејот на македонската борба за самостојност.
Од издавачката куќа информираат дека станува збор за теориско преиспитување на делото на Крсте Петков Мисирков, со цел да се истакнат неговата теориска длабочина и далекусежност во контекст на современите дебати за нацијата и идентитетот.
Студијата го реевалуира и реконцептуализира Мисирков преку социолошка перспектива, толкувајќи ги неговите текстови како политички и културни сведоштва, но и како аналитички обиди за разбирање на создавањето на заедницата, обликувањето на националната свест и улогата на културата како темел на политичката легитимност. Во таа насока, делото јасно го афирмира Мисирков како основоположник на македонскиот социолошки дискурс.
Иако фокусот не е целосна реконструкција на процесот на создавање на македонската нација, преку социолошка анализа авторката нуди пресек на клучните моменти од тој процес, согледани во споредбен, историски и теориски контекст.
За научниот и академскиот придонес на монографијата говореа рецензентите Катица Ќулавкова и Константин Миноски.
Авторката Цветанова е доктор по социолошки науки и редовен професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Нејзините научни интереси опфаќаат теми поврзани со идентитетот, нацијата и национализмот, етничките односи и конфликти, културните политики, како и односот меѓу демократијата и новите медиуми.
