НАкС АПЕЛИРА ДО МОН – Да продолжи јавната дебата за Законот за високото образование
Синдикатот предупредува дека новите закони носат централизација и политичко влијание во високото образование

Независниот академски синдикат (НАкС) остро реагира на пакетот нацрт-закони предложени од Министерството за образование и наука (МОН), кои се однесуваат на високото образование, науката и системот за обезбедување квалитет. Според синдикатот, предложените решенија остануваат суштински непроменети и носат сериозни ризици.
Од НАкС предупредуваат дека со законите се нарушува универзитетската автономија преку одземање на надлежностите на независните тела и нивно префрлање кон МОН.
„Се отвора простор за политички притисок врз кадровските политики и управувањето на високообразовните установи. Доколку меритот е критериум, зошто Владата не се откаже од влијанието врз вработувањата?“ – прашуваат од синдикатот.
Синдикатот укажува дека новите решенија овозможуваат МОН да врши статусни промени на универзитетите и вклучително и нивно укинување, спојување или трансформација без согласност од самите институции.
Дополнително, наместо Сенатот, клучни одлуки за развој и инвестиции би носел Советот на универзитетот, во кој членуваат и претставници на извршната власт. Ова, според НАкС, отвора врата за директно политичко влијание.
Истовремено, се засилува моќта на ректорите и деканите, се продолжуваат нивните мандати и се укинуваат тајните избори за управувачките тела.
НАкС предупредува дека не се утврдени јасни критериуми за финансирање на јавните универзитети, со што се остава простор политиката да го диктира распределувањето на средствата.
Особено спорно е тоа што Министерството за финансии ќе може да интервенира и во трошењето на сопствените приходи и донации на универзитетите, што може да ги загрози и меѓународните проекти.
Синдикатот смета дека кадровската автономија останува сериозно ограничена. Вработувањата и понатаму ќе зависат од согласност на МОН и Министерството за финансии, дури и за веќе обезбедени работни места.
Дополнително се ограничува ангажирањето надворешен наставен кадар и универзитетите ја губат самостојноста при избор на административен персонал
Ова, според НАкС, може да доведе до недостиг на професори, па дури и до затворање студиски програми.
Синдикатот остро реагира и на новите критериуми за избор во наставно-научни звања, оценувајќи ги како нереални и неприлагодени на различните научни области.
Особено проблематично е инсистирањето на објавување трудови во списанија од највисок ранг (Q1 и Q2), воведувањето на h-индекс како услов и ограничувањето на научната активност на последните 5 години
Според НАкС, ваквите критериуми се тешко достижни, особено за младите научници, во услови на слабо финансирање.
Во Законот за научноистражувачка дејност, според синдикатот, недостасува клучниот елемент и стабилно и предвидливо финансирање.
НАкС предлага формирање независен Фонд за наука со јасни правила, транспарентна евалуација и долгорочна стратегија.
Новата Агенција за квалитет во високото образование, во која министерот има директна улога, не ги исполнува европските стандарди за независност.
Поради тоа, според НАкС, таа нема да може да се запише во Европскиот регистар за обезбедување квалитет (EQAR), што дополнително ќе ја компромитира реформата.
Синдикатот посочува и на нелогичности во предлог-законите во делот каде што се се заоструваат критериумите за научен напредок, но се намалуваат академските услови (просек), се фаворизираат јавните универзитети при дефинирање „јавен интерес“ и за странски универзитети не се бараат речиси никакви критериуми.
НАкС бара МОН да го продолжи процесот на јавна дебата и да отвори вистински дијалог со академската заедница.
„Наместо подобрување на квалитетот, овие закони ќе создадат невозможни услови за работа, ќе го оттурнат младиот кадар и ќе овозможат сериозен упад на политиката во универзитетската автономија“, предупредуваат од синдикатот.
Синдикатот изразува подготвеност за соработка и бара средба со Министерството, со цел изнаоѓање решенија кои навистина ќе придонесат за развој на високото образование и науката во државата.
