ИСТОРИСКИ МОМЕНТ – Срушен грчкиот гигант, ГРК Охрид меѓу четирите најдобри во Европа

Македонските ‘Гладијатори’ го одбранија водството од Атина и го елиминираа Олимпијакос.

ИСТОРИСКИ МОМЕНТ – Срушен грчкиот гигант, ГРК Охрид меѓу четирите најдобри во Европа
Фото: Принтскрин

Екипата на ГРК Охрид оствари најголем успех во својата клупска историја! Во реваншот против грчкиот Олимпијакос, одигран пред пеколна атмосфера во целосно распродадената сала „Билјанини Извори“, македонскиот тим славеше со 25:24. Со вкупен резултат од 56:50, Охриѓани обезбедија пласман меѓу четирите најдобри екипи во Европскиот Куп на ЕХФ.

Под водство на тренерот Борис Ројевиќ и со френетична поддршка од трибините, Охрид го контролираше натпреварот од самиот старт. Во еден момент водството достигна +4 (14:10), а гостите успеаја само да ја преполоват негативата до 14:12 на полувремето.

Второто полувреме беше поизедначено. Олимпијакос се обидуваше со сè или ништо, стигнувајќи до минимално водство во неколку наврати (21:22, 22:23), но Охрид секогаш брзо возвраќаше. Клучните голови на Дарко Ѓукиќ и Џанфранко Прибетиќ, заедно со одбраните на голманот Кристијан Пилиповиќ, му донесоа на тимот заслужена победа.

Најефикасен беше Анте Иванковиќ со 8 погодоци и 80% реализација. Следуваа Томи Јагуриновски со 4 гола, додека Вуко Борозан и Дарко Ѓукиќ постигнаа по 3. Пилиповиќ блескаше со 12 интервенции на голот. Кај Олимпијакос, најдобар беше Савас Савас со 5 погодоци.

Во полуфиналето, ГРК Охрид ќе се соочи со добро познатиот словенечки гигант Целје Пивоварна Лашко, кој во четвртфиналето го елиминира турскиот тим Бурса. Останува да се види дали „Гладијаторите“ ќе го продолжат европскиот сон и ќе се борат за големото финале!

CATEGORIES
Share This