СЛЕДНИОТ ПОПИС ЌЕ ГО НАПРАВАТ КОМПЈУТЕРИТЕ – Крај на грешките од 2021

Подготовките се во полн ек и регистрите се уредуваат, а методологијата е финализирана.

СЛЕДНИОТ ПОПИС ЌЕ ГО НАПРАВАТ КОМПЈУТЕРИТЕ – Крај на грешките од 2021
Фото: Принтскрин

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека нашата политичка заложба е во 2026 година да бидеме подготвени да спроведеме електронски попис, по налог на Државниот завод за статистика (ДЗС), веднаш штом ќе биде донесен соодветниот закон. Тој потенцираше дека главната задача е да се подготват сите регистри и да се обезбеди интероперабилност на податоците, со цел кога ќе се спроведе пописот, резултатите да бидат доверливи и методологијата прецизна.

„Голем дел од активностите при Пописот 2021 не беа спроведени според методологијата. Се попишуваа и лица во странство кои не се резиденти, па дури имаше случаи со „пакети пасоши“ третирани како лица, што не смее да се повтори“, изјави Андоновски.

Според него, сегашната подготовка е значително подобрена, со развој на методологија за споделување и достапност на податоците за граѓаните и институциите.

Директорот на ДЗС, Дејан Станков, нагласи дека според глобалните стандарди и резолуцијата на Обединетите нации, следниот попис на населението на светско ниво е планиран околу 2030 година. Целта е пописот да се спроведе електронски, користејќи административни извори.

За таа цел, се воспоставуваат статистички регистри на население, а заедно со институциите кои ја водат администрацијата на податоците, се работи на проверка на квалитетот на информациите.

„Регистарот на население овозможува процена на населението врз основа на сите административни извори, а не само витални статистики и податоци за миграција и емиграција. Со Министерството за дигитална трансформација имаме одлична соработка, што гарантира дека следниот попис ќе се спроведе исклучиво врз административни извори“, истакна Станков.

Тој појасни дека законот за попис треба да биде донесен најмалку една година пред неговото спроведување, а државата е многу поспремна за електронски попис отколку пред 5 или 10 години.

Станков објасни дека е познат проблемот со лица кои стекнуваат резидентен статус во странство, но не го пријавуваат тоа во државата. За да се надминат овие слабости, ДЗС користи повеќе регистри и статистички методи за точно утврдување на резидентноста на населението.

„Пописот ќе се базира на резидентното население, согласно препораката на Уставниот суд, бидејќи основната цел е да се детерминира населението кое живее во државата, нагласи Станков.

CATEGORIES
TAGS
Share This