СААТОТ ШТО НЕ ДОЗВОЛУВА ДА ГО ИГНОРИРАТЕ ВРЕМЕТО – Премиера што ќе ве остави без здив
Судирот помеѓу минливото и повторливото никогаш не бил толку живописен.

Денеска на 2 април (четврток), на Сцена 105 при НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, премиерно ќе се изведе претставата „Саатот“, во режија на Кристина Димитрова.
Претставата ја истражува сложената игра помеѓу објективното и субјективното време и два света што ретко се поклопуваат како и вечниот судир меѓу повторливото и минливото. Без разлика колку се обидуваме да им избегнеме, овие спротивности секогаш нѐ наоѓаат.
Во улогите настапуваат: Филип Јездиќ како Саатот, Димитар Ѓорѓиевски како Јован и Наташа Ачански како Вера. Финалната сцена ја збогатува вокалниот настап на Ана Митоска, додека гласовите им ги позајмија и Огнен Јанески, Даниела Иваноска, Гоце Кантар и самата Кристина Димитрова.
Персонифицираниот ѕиден часовник е присутен во животот на еден брачен пар и постојано ги следи, го окупира нивниот простор и буквално им ги одбројува моментите. Судирот започнува од различниот однос кон времето: додека мажот е смирен и прифатлив кон присуството на саатот, жената е нервозна, вознемирена од секое чукање, свесна за секоја минута што поминува. Таа упорно го повикува сопругот да тргнат некаде, да направат нешто значајно со својот живот пред да биде предоцна. Но, каде и да одат и што и да прават, чукањето на саатот останува неизбежно. Времето, пак, не гарантира смисла ни тука, ни никаде.
