ПАПАТА ЛАВ XIV ДИРЕКТНО ДО ТРАМП – Запри ја војната веднаш
Во пресрет на Велигден, силен апел за мир и итни преговори

Папата Лав XIV упати силен апел до Доналд Трамп да придонесе за запирање на војната на Блискиот Исток или да се отвори пат кон мировни преговори.
Во изјава за новинарите, дадена при напуштањето на резиденцијата во Кастел Гандолфо, папата истакна дека лично го замолил американскиот претседател да преземе чекори за деескалација на конфликтот.
„Го замолив претседателот Трамп да ја заврши војната или барем да помогне во создавање услови за мировни разговори. Во пресрет на Велигден, ова е време за длабоко размислување. Охрабрувачки е што и самиот најави дека бара начин за намалување на насилството, што би помогнало да се намали омразата во регионот и пошироко“, изјави папата.
Тој нагласи дека Страсната недела, која треба да биде симбол на мир и духовност, повторно е обележана со страдања ширум светот.
„Гледаме премногу болка, премногу жртви, дури и меѓу невините деца“, предупреди тој, упатувајќи повик до сите светски лидери да се вратат на преговарачката маса.
Папата повторно апелираше за мир, нагласувајќи дека насилството и омразата не смеат да доминираат.
„Ги повикувам сите, особено христијаните, во овие денови да препознаат дека Христос и денес страда и во невините жртви на војни, омраза и насилство“, порача поглаварот на Римокатоличката црква.
