КРАЈ НА ЕДНА ЕРА – Македонскиот сервис на Слободна Европа престана со работа
Финансиските предизвици ја принудија Слободна Европа да го затвори македонскиот сервис.

Македонскиот сервис на Радио Слободна Европа и паштунскиот сервис, Радио Машал, престанаа со работа вчера, на 31 март 2026 година.
„Затворањето на овие два сервиса е голема загуба за нивната публика, но сегашната буџетска ситуација на Радио Слободна Европа нè принудува да ги прераспределиме ресурсите и да ја промениме нашата приоритетна работа. Оваа одлука е донесена со искрена благодарност кон овие тимови за нивниот труд и висок стандард на професионалност“, изјави претседателот и извршен директор на Радио Слободна Европа, Стивен Капус.
Тимот на Слободна Европа им се заблагодари на своите слушатели за довербата, вниманието и поддршката, нагласувајќи дека нивниот интерес и ангажман биле клучна мотивација за работењето на сервисот.
Слободна Европа својата мисија во Македонија ја започна на 1 септември 2001 година, со цел да промовира демократски вредности и институции, како и да ги унапредува човековите права преку извештаи и вести во земји каде што слободното новинарство е ограничено или сè уште не е целосно развиено.
