МОРСКИОТ СВЕТ ОЖИВУВА – Изложба на монотипија за Меѓународниот ден на аутизмот
„Изложбата ќе трае до 5 април и ја претставува уникатната техника монотипија.

Денеска, во Националната галерија, објект Чифте амам, ќе се одбележи Меѓународниот ден на лицата со аутистичен спектар. Во рамки на одбележувањето, ќе биде отворена изложба на графики изработени во техника монотипија, резултат на работилниците што се одржаа во текот на месецов. Изложбата ќе биде отворена за посетители до 5 април.
Темата на работилниците беше „Морски свет“. Со графички бои, учесниците цртаа риби, морски ѕвезди, октоподи, желки, школки и други морски мотиви, истовремено запознавајќи се со техниката на монотипија. Со рачен или механички притисок, бојата се пренесуваше на хартијата, создавајќи уникатни отпечатоци и за разлика од другите графички техники, кај кои можат да се добијат повеќе исти отпечатоци, секоја монотипија е неповторлива.
На работилниците учествуваа ученици од ОУ „Невена Георгиева-Дуња“, ОУ „Св. Климент Охридски“, ОУ „Исмаил Ќемали“, ОУ „Имри Елези“, како и од ДСУ за рехабилитација и образование „Свети Наум Охридски“. Во активностите беа вклучени и здружението „Инклудиверса“ и студенти од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ под менторство на проф. д-р Бурхан Ахмети.
