ТРИ ДЕЦЕНИИ БЕЗ РЕШЕНИЕ – Зошто уставната тужба сè уште не постои
Премиерот вели дека политичките услови не се исполнети, но најавува идни чекори

Премиерот Мицкоски изјави дека во моментов не постојат политички услови за отворање на Уставот, нагласувајќи дека ова прашање пред сè е политичко, иако во себе содржи и значајна правна димензија.
„Промената на Уставот е политичка тема која вклучува и правни аспекти, особено во делот на улогата и тежината на Уставниот суд. Парадоксално е што Уставниот суд нема доволна тежина во самиот Устав е прашање кое се провлекува уште од осамостојувањето. Тоа е товар од минатото кој ќе го решиме кога ќе се создадат соодветни политички услови. Во овој момент, тие услови не постојат“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека се очекува Уставниот суд да работи на концептот за посебен закон кој би ја уредил неговата работа, вклучително и воведувањето на институти како уставната тужба. Според него, важно е да се отвори широка јавна дебата во која ќе учествуваат експертската јавност и сите релевантни чинители, со цел да се подготви квалитетно законско решение кое ќе може да се усвои кога ќе има политичка подготвеност.
Во регионот, Македонија е единствена држава која сè уште нема воведено уставна тужба како правен механизам. И покрај повеќедецениските иницијативи, ова прашање останува нерешено. Уставната тужба претставува средство преку кое граѓаните можат директно да бараат заштита на своите основни права и слободи пред Уставниот суд.
Голем број демократски држави веќе го применуваат овој инструмент. И Венецијанската комисија го поддржува концептот на сеопфатна уставна жалба, истакнувајќи дека таа обезбедува поширока заштита на уставните права, но и придонесува за намалување на товарот на Европскиот суд за човекови права, преку зајакнување на ефикасноста на домашните институции.
Уставната тужба не претставува мешање во работата на редовните судови, туку дополнително правно средство кое се користи откако ќе се исцрпат сите други правни можности. Таа не го претвора Уставниот суд во „четврта судска инстанца“, туку му дава јасна надлежност да одлучува за повреди на уставно загарантираните права.
Овој инструмент е веќе воспоставен во повеќе европски држави, како Германија, како и во земјите од регионот како што се Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.
Иако иницијативи за негово воведување постоеја и во 2005 и во 2014 година, тие не резултираа со уставни измени. Прашањето останува отворено и ќе зависи од идните политички околности.


