ИНТЕРВЈУА ЗА НОВ ЧЛЕН НА ДКСК – Политички донации во фокусот на кандидатите
Пет кандидати се пријавија, но една од нив не присуствуваше, па нејзината кандидатура беше отфрлена.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата заедно со Комисијата за селекција денеска спроведе јавни интервјуа со кандидатите за член на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Од планираните пет кандидати, Марија Китанов Катралова не присуствуваше, па нејзината кандидатура беше отфрлена.
Најголемо внимание привлече прашањето за политичките донации. Борче Стојановски тврди дека никогаш не донирал на политичка партија, додека Антонија Андонова Тасевска не беше сигурна, изјавувајќи дека „не се сеќава“.
Владимир Клековски, брат на директорот на Фондот за здравство, истакна дека никогаш не бил член или активист на политичка партија и дека има механизми за изземање при судир на интереси. Тој е магистер на правни науки, 11,5 години адвокат и посочи дека ќе се фокусира на воспоставување ефикасен превентивен систем во ДКСК, со приоритет над казнените мерки. Неговите цели вклучуваат зголемување на санкциите, развој на регистар на податоци и проверка на имотот на семејствата на функционерите.
Антонија Андонова Тасевска, со повеќе од 10 години искуство во ДКСК, најави јакнење на институционалниот интегритет преку етички стандарди, транспарентност, дигитализација и континуирана едукација. Таа смета дека долгогодишното искуство и меѓународните обуки ќе ѝ помогнат во унапредување на работата на ДКСК.
Милка Муратовска, со две магистратури и искуство во Народниот правобранител, се залага за превентивната улога на ДКСК, антикорупциска проверка на законите и подобра поврзаност со сите релевантни институции. Таа истакна дека сегашната нетранспарентност и неефикасност на ДКСК го намалуваат капацитетот за превенција.
Борче Стојановски, од ДКСК од 2015 година, нагласи дека институцијата има висок праг на отпор кон притисоци, но призна дека довербата во ДКСК е ниска и дека постојат 440 незавршени предмети во одделението за проверка на имот. Тој предлага дигитализација, меѓународна размена на податоци, јакнење на казнената политика и редовно поднесување анкетни листови.
Огласот за избор на нов член беше распишан по оставката на поранешната антикорупционерка Цвета Ристовска, која се соочи со скандали поврзани со судир на интереси и непријавен имот. Изборот ќе се врши со бодување, а Комисијата за избор и именувања треба да избере кандидатот со најмногу бодови во рок од пет дена.


