ВРЕМЕ Е ДА ПРЕСТАНЕМЕ ДА ПРЕГОВАРАМЕ ЗА НАЦИОНАЛНИТЕ ПРАШАЊА – Бугарите не сакаат со нас билатерална средба

Тој нагласи дека Владата на Република Македонија одржува редовна комуникација со Бугарија, но засега нема позитивен одговор од бугарската страна за нова билатерална средба.

ВРЕМЕ Е ДА ПРЕСТАНЕМЕ ДА ПРЕГОВАРАМЕ ЗА НАЦИОНАЛНИТЕ ПРАШАЊА – Бугарите не сакаат со нас билатерална средба

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски порача дека Македонија останува цврста во ставот дека националните и идентитетските прашања не смеат да бидат предмет на преговори во процесот на европска интеграција. На заедничка прес-конференција со неговиот црногорски колега Ервин Ибрахимовиќ, Муцунски истакна дека е неопходно да се стави крај на, како што ја нарече, праксата на билатерализација во пристапниот процес.

„Крајно време е да престанеме да преговараме за национални и идентитетски прашања со која било држава. Тоа не е европска вредност, туку инструмент за блокада,“ изјави Муцунски.

Тој нагласи дека Владата на Република Македонија одржува редовна комуникација со Бугарија, но засега нема позитивен одговор од бугарската страна за нова билатерална средба. Како што рече, барањето компромис е легитимно, но тој мора да биде рационален и да не се постигнува по секоја цена.

„Не можеме вечно да бидеме заложници на туѓи внатрешнополитички калкулации,“ вели Муцунски.

Муцунски исто така посочи на поширокиот регионален контекст, велејќи дека дестабилизирачки сили во Западен Балкан може да имаат пошироко негативно влијание врз цела Европа. Тој апелираше до Европската Унија да го намали јазот меѓу очекувањата и реалните резултати во процесот на проширување.

„Проширувањето на ЕУ не може да биде завршено без интеграција на целиот регион,“ потенцираше Муцунски.

Според него, Европскиот парламент и понатаму останува клучен поддржувач на процесот на проширување, а Македонија очекува амандмани кои ќе бидат усогласени со политичката и правната реалност на земјата. Тој изрази и надеж дека европскиот парламент ќе ја продолжи традицијата на извештаи кои се позитивни кон напредокот врз основа на мерит-критериумите за членство во ЕУ.

CATEGORIES
Share This