СЛУЧАЈОТ АДИТИВ СЕ ПРОШИРУВА Приведена е претседателката на Антикорупциската комисија
Обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција најави дека ќе побара мерки на претпазливост за Димитровска, вклучително и одземање на нејзиниот редовен и дипломатски пасош.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, попладнево беше изнесена пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, како осомничена во истрагата за случајот „Адитив“.
Обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција најави дека ќе побара мерки на претпазливост за Димитровска, вклучително и одземање на нејзиниот редовен и дипломатски пасош. Мерка притвор засега не се бара. Засега не е објавено на кој начин е поврзана Димитровска со случајот – Обвинителството најави повеќе информации за утре.
Според нејзината биографија, Димитровска од 2004 година работела како ревизор во Државниот завод за ревизија, сè до нејзиниот избор за член на Комисијата за спречување на корупцијата.
Истрагата „Адитив“ се води против повеќе лица, а досега за три од нив е донесена Наредба за спроведување на истрага. Акцијата започна во ноември минатата година, а како главен осомничен се води поранешниот директор на државна компанија, Васко Ковачевски, кој е во бегство. Во рамки на истрагата беа извршени 77 претреси на локации низ Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје.
Според обвинителството, во периодот од април 2023 до август 2024, осомничените, вклучително и лица од АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“, формирале криминална група која преку договарање и изигрување на процедури за јавни набавки овозможила стекнување на незаконска имотна корист во висина од речиси 400 милиони денари. Станува збор за набавка на адитиви RPT 601 и RPT 602 за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј.
Дополнително, осомничените презеле активности за прикривање на потеклото на средствата преку трансакции и подигнување на готовина во вкупен износ од над 414 милиони денари.
Во рамки на предметот досега се уапсени 22 лица, од кои осум се наоѓаат во притвор. Се очекува наскоро обвинителството да поднесе официјално обвинение.


