ТРАМП ОБВИНЕТ ДЕКА ГО КРШИ УСТАВОТ 12 американски сојузни држави му поднесоа тужба
Тужителите истакнуваат дека според Уставот, исклучиво Конгресот има право да воведува даноци и давачки, а не извршната власт.

Дванаесет сојузни држави поднесоа тужба пред Американскиот суд за меѓународна трговија во Њујорк, обвинувајќи ја администрацијата на Доналд Трамп за злоупотреба на извршната власт со воведувањето царински тарифи.
Во тужбата се наведува дека трговската политика на САД е водена „по каприците на претседателот“ и дека тоа претставува сериозно отстапување од законските норми и Уставот. Државите тужителки тврдат дека со воведувањето на широк спектар тарифи без согласност на Конгресот, Трамп ја нарушил поделбата на власта и предизвикал економска нестабилност.
„Претседателот ги надмина своите овластувања, самоволно наметнувајќи тарифи врз увозната стока под изговор на национална вонредна состојба“, се наведува во тужбата.
Во тужбата уште се додава дека „Таквиот пристап го нарушува уставниот поредок и внесува хаос во американската економија.“
Тужителите истакнуваат дека според Уставот, исклучиво Конгресот има право да воведува даноци и давачки, а не извршната власт.
Трговската стратегија на Трамп предизвика значајни турбуленции на берзите и финансиските пазари. Во април, тој објави општи тарифи од најмалку 10% на целиот увоз во САД, заедно со дополнителни давачки за одредени трговски партнери. Додека дел од тарифите беа суспендирани за 90 дена заради преговори, царините до 145% за кинески производи останаа на сила, што предизвика одговор од Пекинг со контратарифи до 125% за американски стоки.
Тужбата ја поднесоа држави кои имаат демократски гувернери како што се Орегон, Колорадо, Конектикат, Делавер, Илиноис, Мејн, Минесота, Њу Мексико, Њујорк и Вермонт, како и републиканските Аризона и Невада. Овие држави бараат судска интервенција и укинување на воведените тарифи.
Минатата недела, и Калифорнија покрена посебна тужба пред федерален суд против истата политика.
Според анализите на Меѓународниот монетарен фонд, трговските мерки на САД и реципрочните потези од странските партнери го зголемуваат глобалниот јавен долг и предизвикуваат негативни ефекти врз светската економија.


