СКОПЈЕ МАРШИРАШЕ ЗА 8 МАРТ – Граѓаните бараат правда и поголема заштита за жените
Учесниците порачаа дека симболичните честитки за 8 Март не се доволни без конкретни мерки против родово базираното насилство.

Повеќе илјади граѓани денеска учествуваа на традиционалниот Осмомартовски марш во Скопје, испраќајќи силна порака против зголеменото насилство врз жените и, како што велат, недоволниот одговор на институциите. Маршот, организиран од повеќе граѓански иницијативи и здруженија, започна напладне од паркот „Жена борец“, по што колоната се упати кон Градскиот парк и спомен-обележјето на Вера Јоциќ.
Под слоганот „Нема да нè снема“, учесниците нагласија дека маршот е израз на решителноста на жените да се борат за безбедност, еднаквост и достоинство во општество кое, според нив, сè уште не обезбедува доволна заштита од насилство и дискриминација.
Со транспаренти „Од Скопје до борба без граници“, „Правда за Росица“, „Правда за Ивана“, „Повеќе ќе те сакам ако си со мене на марш“, „Ниту една повеќе“ и „Здраво, колку букети ви е животот“, демонстрантите побараа конкретни мерки за заштита на жените и подобрување на нивните права.
Учесниците истакнаа дека симболичните честитки и празнични гестови за 8 Март не се доволни доколку институциите не преземат суштински чекори за спречување на родово базираното насилство, економската нееднаквост и дискриминацијата.
Во текот на маршот беа упатени и политички пораки, при што дел од говорниците побараа одговорност од надлежните институции. Една од говорничките, Калиа Димитрова, ги прозва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи на случаи во кои, според неа, институциите не постапиле соодветно по пријави за семејно насилство.
Од протестот беше порачано дека барањата за поголема заштита на жените и за системски промени се повторуваат со години и дека учесниците нема да се откажат од нивното остварување. „Правдата ќе ја бараме гласно и здружено“, порачаа демонстрантите, нагласувајќи дека борбата против насилството врз жените мора да стане општествен приоритет.


