РЕДИЦИ НА БЕНЗИСКИ – Шпекулации за недостиг на гориво
Премиерот Мицкоски возвраќа дека залихите се доволни и дека состојбата е под контрола.

На дел од бензинските станици во земјава се формираа редици, откако се проширија шпекулации меѓу граѓаните за можен недостиг на гориво или значително поскапување на нафтените деривати.
Национал во разговор со вработени во една бензинска станица, беше информиран дека цел ден има гужви поради страв за недостаток на деривати. Според нив, никој не знае од каде потекнуваат информациите, освен што граѓаните се информираат преку пријатели. Оваа ситуација трае веќе два дена.
Неофицијални информации што се шират говорат за можност за привремено ограничување на продажбата на гориво до одредување на новите цени, но ваквите тврдења засега не се потврдени од надлежните институции.
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претставници на нафтената индустрија истакна дека нема причина за загриженост:
„Залихи на горива има и нафтените потреби целосно се задоволуваат. Состојбата е под контрола.“
Меѓутоа, цената на нафтата на светските пазари порасна на околу 84 долари за барел поради стравувањата дека Иран би можел да го блокира Ормутскиот теснец, една од најважните рути за транспорт на нафта во светот. САД најавија дека ќе обезбедуваат безбедност на танкерите во регионот со помош на својата морнарица.


