ВО ИЗДАНИЕ НА МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА – Објавен романот „Александар Македонски“ од бугарската писателка Јана Јазова

За подготовката на романот, во 1935 година, таа престојувала во Египет, Палестина, Сирија, Турција и Грција, минувајќи по голем дел од патот на походот на големиот македонски цар, за да направи поавтентични записи за неговиот поход.

ВО ИЗДАНИЕ НА МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА – Објавен романот „Александар Македонски“ од бугарската писателка Јана Јазова
Фото: Македоника литера

„Македоника литера“ деновиве го објави романот на контроверзната бугарска писателка од минатиот век Јана Јазова, со поднаслов „Историски роман“, во превод од бугарски на македонски јазик на Ленче Тосева.

„Александар Македонски“ е историски роман кој само се потпира врз историските податоци, но е изведен со една неверојатна леснотија во градењето на приказната и е создадено особено занимливо четиво. На маестрален начин големата бугарска писателка ја раскажала историјата на најпознатиот македонски цар и најголемиот војсководец на сите времиња. Таа изградила комплексна структура на делото со која се зафатени сите значајни аспекти на неговото време, на неговиот живот, на неговиот поход и воопшто на неговата немирна природа. Многу суптилно го прикажува ликот на Александар, во сите негови манифестации, од детството и од неговите нежни чувства и изливи и харизмата – до суровите, крвави и ужасни постапки во многуте драматични настани во неговиот кус живот. Во приказната е вткаена историјата на тогашниот свет, на тогашната цивилизација на Македонија, Елада, Египет, Персија, Индија… па сè до границите на светот кон кои се стремел големиот воин, освојувач и космополит. Но пред сè, ова е исклучително значајно дело за македонската античка историја!

Биографијата на македонскиот цар со светска слава за сите времиња – Александар Македонски била уметнички предизвик за неколкумина познати писатели во светот, но романот „Александар Македонски“ на бугарската писателка Јана Јазова претставува исклучително белетристичко и историско дело.

Делата од доживотно забранетата и заборавена бугарска писателка почнуваат последователно да се објавуваат дури кон крајот на минатиот век (по 1987 година), а излегувањето на романот „Александар Македонски“ во 2002 година (набргу по пронаоѓањето на машинописот), наиде на одличен прием кај читателите и кај бугарската литературна критика, која ова дело веќе го оцени за најдобра книга со литературни вредности за Александар Македонски што досега воопшто е објавена во светот и за едно од најдобрите дела на авторката. И покрај тоа што делото е пишувано во четириесеттите години на минатиот век, тоа има исклучително висока книжевна вредност и стилска свежина и кога се чита во 21 век. Во Бугарија доживеа неколку изданија и е една од најчитаните историски белетристички книги, односно една од најпродаваните бугарски историски книги во последниве две децении.

Јана Јазова (1912-1974) е бугарска писателка која има исклучително драматична животна и творечка судбина и која има високо место на вредносната скала на бугарската литература на 20 век. Родена е во градот Лом како Љуба Тодорова Ганчева. Татко ѝ бил доктор по филозофски науки, а мајка ѝ, наставничка, и потекнувала од позната трговска фамилија од Цариград. Завршила словенска филологија на Софискиот универзитет (1935). Автор е на повеќе поетски, прозни и драмски дела. Има богата биографија и библиографија, но таа е едно од најконтроверзните имиња во бугарската литература на минатиот век, а во последниве децении, откако повторно нејзиното творештво им е достапно на бугарските читатели, веќе се смета за едно од најголемите имиња во бугарската литература во тој период.

Судбината на Љуба Ганчева се променила кога во нејзиниот живот влегла личност од исклучително значење за неа – професорот Александар Балабанов (1879 – 1955), роден штипјанец и врвен литерат, преведувач, критичар и универзитетски професор. Тој се заљубил во неа на прв поглед во 1930 година и ја сакал до крајот на својот живот. Истакнатиот преведувач и критичар бил сè за неа – и покровител, и љубовник, и инспиратор (прототип на повеќе ликови во нејзините дела). Токму од него младата Љуба Ганчева го добила својот псевдоним Јана Јазова. Врската меѓу нив двајца предизвика јавен интерес, не само поради 33-годишната разлика во возраста. Нејзиниот талент и убавина, како и покровителството на Балабанов, кој бил близок пријател на царот Борис III, предизвикале жестока омраза и одвратност кон неа кај многу други писатели од тоа време. На пример, според некои, таа била „единствената правописна грешка“ на професорот Балабанов. Тој бил и познат меценат на млади автори, од кои најпозната е Јана Јазова, која потоа сите свои книги ги потпишува со тој псевдоним, со кој се афирмира во бугарската литература.

Уште како гимназијалка, во 1930 година, таа однесла една тетратка со стихови кај проф. д-р Александар Балабанов. Од таа тетратка произлегла стихозбирката „Јазови“, која била отпечатена во 1931 година.

Уште истата година (1931) предизвикала сензација со својата прва поетска книга и деветнаесетгодишната Јана Јазова била наречена чудо од дете на бугарската литература. Веќе наредната година станала позната во Европа и во САД, каде критиката ја сместила меѓу најдобрите поетски имиња, не само во Бугарија, туку и во Европа.

Потоа Јазова објавила уште две поетски книги – „Бунт“ (1934) и „Крстови“ (1934). Тематските мотиви во нејзините три книги поезија се поврзани со сензуалниот живот на жените, со мистичната моќ на природните елементи, со националната судбина и симболика. Тоа што ги разликува од општиот интимно-сентиментален опсег на женската поезија во 1930-тите е социјалната тема. Во песните на Јана Јазова се појавуваат слики од социјалното дно – скитници, просјаци, Цигани, проститутки… Поетесата продира во психата на општествените ниски слоеви и ги предвидува гневот и горчината што ќе ги уништат темелите на општеството.

По трите поетски книги се свртела кон прозата. Прво го објавила романот Ана Ѓулгерова“ (1936), па потоа романот „Капетан“ (1940). Александар Балабанов, нејзиниот скандалозен љубовник, е прототип на главните ликови во нејзините романи „Ана Ѓулгерова“, „Капетан“ (првиот бугарски роман за наркодилерството и проституцијата) и „Солениот залив“ (објавен посмртно во 2003 г.), а нејзината прва збирка песни „Јазови“ (1931) и нејзиниот роман „Александар Македонски“ (првпат објавен дури во 2002 г.) му се посветени нему. Некои од писмата разменети меѓу Балабанов и Јазова беа објавени во книгата „Мојра“ (1996) и во „Пролетта на Мо: Раните писма на Јана Јазова до Александар Балабанов“ (2010).

Од раното творештво на Јана Јазова позната е и нејзината драма во стихови „Силјан Штркот“ (напишана во 1934 г.), која била подготвувана на сцената на театарот во Скопје, во 1941 година, но поради почетокот на Втората светска војна таа не била изведена.

Јана Јазова официјално создава до 1944 година, кога запира нејзиниот творечки пат во официјалниот книжевен живот во Бугарија.

По 9 септември 1944 година е отстранета од литературниот и јавниот живот зашто не прифатила да се покае пред новиот режим за грешките што не ги направила. Од комунистичкиот режим на Бугарија не ѝ било дозволено да објави ниту еден ред за време на нејзиниот живот. По деветтосептемврискиот преврат во Бугарија, новата власт, преку првиот човек на милицијата Тодор Живков, и првиот човек на софиската дирекција на милицијата, „македонскиот главосек“ – охриѓанецот Лев Главинчев, жестоко се пресметува со луѓето од претходниот профашистички режим, со познати личности во општествениот, економскиот, културниот и јавниот живот, и во пресметките со актерите и поддржувачите на претходниот режим, без суд убиваат стотици познати лица, меѓу кои и многу Македонци. Тој терор не го преживеал издавачот на Јана Јазова, но таа го преживеала, а бидејќи не го прифатила соцреализмот со кој ќе се опева и воспева новата власт, не ѝ било дозволено да објавува, била оттргната од јавниот живот и три децении, до нејзината смрт (1974), таа е тотално маргинализирана.

Но пишувала во изолација и зад себе оставила обемен и вреден книжевен опус. Во тој период се зафатила да пишува историски романи. Ги пишува романите „Левски“, „Бенковски“ и „Шипка“ (како трилогија). По смртта била ограбена и во голем дел била уништена нејзината архива, па поради тоа голем дел од нејзините дела не се зачувани во конечната варијанта, каков што е случајот и со романот „Александар Македонски“ – првиот бугарски историски роман на небугарска тема. Романот бил завршен кон крајот на август 1944 година. Но во шеесеттите години на дваесеттиот век Јана Јазова ги средувала своите дела во ракопис и на крајот на шеесеттите години направила нов коригиран препис на ова дело, но таа најнова и осовременета варијанта е земена од тајните служби по нејзината смрт и не е зачувана, односно не е пронајдена до денес.

Всушност, и оваа верзија на романот што е објавена во 2002 г., а што сега ја објавува „Македоника литера“ е случајно зачувана (еднаш веќе објавен на македонски јазик од „Македонска реч“ во 2007 г.).

Романот „Александар Македонски“ Јазова го пишувала по сугестија на Александар Балабанов. За подготовката на романот, во 1935 година, таа престојувала во Египет, Палестина, Сирија, Турција и Грција, минувајќи по голем дел од патот на походот на големиот македонски цар, за да направи поавтентични записи за неговиот поход. Овој историски роман за големиот војсководец авторката го напишала во 1943-1944 година, а го пишувала според биографските белешки на Плутарх за Александар Македонски и според познатата историја за него на Јохан Густав Дројзен (измислувачот на терминот „хеленизам“). Наборот на романот изгорел во печатницата на Стефан Македонски во Софија, при бомбардирањето на градот во 1944 година. Но машинописната верзија била пронајдена, одземена и криена од тајните служби, и дури на самиот почеток на овој век, во централниот бугарски архив, се пронајдени два машинописни преписа и шпалти од времето на печатењето и од нив е објавена оваа верзија.

 

CATEGORIES
Share This