ЈАНЕВ ДЕМАТИРА ДЕКА ВЛИЈАЕЛ ВРЗ СООБРАЌАЈНА КАЗНА Времето на корупција, лаги и врски завршува, а промените почнуваат од сите нас
„Медиумите имаат права, но и обврски. Дел од тие обврски е да известуваат точно и да лиферуваат проверени информации“, посочи Јанев

Јорданчо Јанев, баџанак на премиерот Христијан Мицкоски, преку објава на социјалната мрежа Фејсбук реагираше на, како што вели, лажни информации објавени во медиумите, кои сугерираат дека извршил притисок за да се избегне сообраќајна казна.
„Одговорно тврдам дека станува збор за лажна информација. На ниту еден начин не сум ургирал, ниту сум вршел било каков притисок врз кого било да не се напише казна“, наведува Јанев во објавата.
Тој додава дека како доказ за неговата невмешаност стои фактот што „споменатото лице уредно ја платило казната“.
Јанев упати и критика до опозициските партии, обвинувајќи ги дека стојат зад ширењето на дезинформации и дека користат стари, како што ги нарекува, „навики за корупција“.
„Ова е друго време. Времето на корупција, лаги и врски завршува, а промените почнуваат од сите нас“, истакна тој.
Во завршницата на објавата, Јанев најави дека ќе покрене правни постапки доколку медиумот кој ја објавил веста не ја повлече и не упати јавно извинување.
„Медиумите имаат права, но и обврски. Дел од тие обврски е да известуваат точно и да лиферуваат проверени информации“, посочи Јанев.

