НОВАТА ПРУГА 160 КМ/Ч ВО ТЕСТ ФАЗА – Пуштена во функција со товарен воз по полноќ

По реновирањето, старата едноколосечна пруга е заменета со современа двоколосечна линија за брзини до 160 км/ч.

НОВАТА ПРУГА 160 КМ/Ч ВО ТЕСТ ФАЗА – Пуштена во функција со товарен воз по полноќ
Фото: Принтскрин

Првиот товарен воз на унгарската компанија MÁV Railtours тргна неколку минути по полноќ на новата железничка линија меѓу Будимпешта и Белград, потврди генералниот директор на Унгарски државни железници (MÁV), Жолт Хеѓи, на својот профил на Фејсбук, пренесе Н1 Србија.

Хеѓи информира дека станува збор за линијата 150, која по реновирањето најпрвин ќе функционира со редовен товарен сообраќај, со цел тестирање во реални услови пред воспоставување на патнички превоз. Според него, извршените мерења и тестирања потврдиле дека инфраструктурата и безбедносните стандарди се целосно исполнети за сообраќај на товарни возови.

Тој истакна дека модернизацијата на линијата 150 претставува најголема железничка инвестиција во Унгарија во последните години. Наместо дотраената едноколосечна траса, изградена е современа двоколосечна линија со можност за движење со брзина до 160 километри на час, опремена со модерни услови за патници.

Генералниот директор на МÁВ апелираше до граѓаните да бидат внимателни и да ги почитуваат безбедносните прописи при движење во близина на железничката пруга, потсетувајќи дека на оваа делница подолг период немало железнички сообраќај и затоа е неопходна зголемена претпазливост.

CATEGORIES
TAGS
Share This