АСМИР ЈАХОСКИ ОСТАНУВА ВО ПРИТВОР Судот не ја прифати гаранцијата од милион евра

Претходно, преку својот адвокат, Јахоски понуди гаранција во форма на недвижен имот во вредност од еден милион евра

АСМИР ЈАХОСКИ ОСТАНУВА ВО ПРИТВОР  Судот не ја прифати гаранцијата од милион евра

Газдата на компанијата „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, останува во истражниот затвор во Шутка, откако Кривичниот совет го одби неговото барање за пуштање на слобода со гаранција од еден милион евра во недвижен имот.

Иако Јавното обвинителство се согласи на ослободување под гаранција, под услов Јахоски да обезбеди и дополнителни 1,1 милион евра во готовина, судот смета дека сè уште постојат околности кои го оправдуваат притворот.

„Судот, ценејќи ги сите околности поврзани со истрагата, и покрај даденото позитивно мислење на јавниот обвинител, смета дека во овој момент сè уште постојат услови за постоење на определената мерка – притвор“, се вели во соопштението на судот.

Судот образложи дека постои реална опасност Јахоски да влијае врз сведоци или да попречи во истрагата преку сокривање, фалсификување или уништување докази, со оглед на тоа дека истражната постапка е во тек и се уште се прибираат докази.

Претходно, преку својот адвокат, Јахоски понуди гаранција во форма на недвижен имот во вредност од еден милион евра. Обвинителството делумно го прифати предлогот, но побара дополнителни 1,1 милион евра да бидат депонирани на посебна сметка, што одговара на штетата која му се става на товар.

Јахоски, заедно со Александар Капушевски, е еден од 13-те осомничени во истрагата за сомнителната набавка на отровен мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Тој првично беше ставен во куќен притвор, но по силните реакции во јавноста, судот го префрли во истражниот затвор во Шутка.

CATEGORIES
Share This