РАСТЕ ИНТЕРЕСОТ ЗА ДОКУП НА СТАЖ – Наплатени над 4,2 милијарди денари

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување навремено ги извршувал сите обврски, со избалансирани приходи и расходи во 2025 година

РАСТЕ ИНТЕРЕСОТ ЗА ДОКУП НА СТАЖ – Наплатени над 4,2 милијарди денари
Фото: Принтскрин

Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИО) ја одржа својата триесет и втора седница, на која беа разгледани повеќе прашања поврзани со работењето на институцијата.

Директорот на Фондот, Никола Мемов, ги информираше членовите за реализираните активности по претходната седница, истакнувајќи дека сите планирани процеси се одвиваат согласно утврдената динамика. Тој нагласи дека дигитализацијата на архивата тече непречено во рамки на СИАП-проектот и се очекува да заврши до 30 јуни годинава.

Мемов информираше и дека е подобрена состојбата со решавањето на предметите, особено во Комисиите за процена на работната способност, каде што бројот на нерешени случаи е значително намален.

На седницата беше усвоена Завршната сметка на Фондот за 2025 година. Директорката на Секторот за финансии, Фатиме Неџипи, посочи дека Фондот навремено и целосно ги извршувал сите свои обврски во текот на 2025 година, при што приходите и расходите се избалансирани и во согласност со планираните параметри. Членката на Управниот одбор, Станка Трајкова, оцени дека финансиското работење е позитивно и претставува задоволувачки резултат.

Управниот одбор ги разгледа и информациите за наплатата на закупнината од станбениот и деловниот простор во домовите за живеење и клубовите за дневен престој на корисниците на пензија за периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година.

Директорот на Секторот за човечки ресурси, правни и општи работи, Влатко Ѓуроски, информираше дека наплатата на закупнината за станбениот простор се одвива без проблеми, бидејќи се врши со задршка од пензијата. Кај деловниот простор, во два случаи биле прекршени договорните одредби, по што договорите биле раскинати. Овие простори ќе бидат понудени на нова лицитација по претходна проценка на вредноста по квадратен метар.

Дополнително, беа разгледани и информациите за остварените права од двостолбниот пензиски систем и за докупот на стаж во 2025 година. Директорката на Секторот за остварување на права од ПИО, Билјана Стојанова, соопшти дека во вториот пензиски столб има 410.602 активни осигуреници. Досега, 130 лица оствариле право на старосна пензија преку двостолбниот систем, од кои 57 корисници, по исцрпување на средствата од индивидуалните сметки, примаат минимална пензија од Фондот.

Во однос на докупот на стаж, Стојанова информираше дека интересот останува висок. Во 2025 година биле поднесени 840 барања, од кои 791 се одобрени, 21 одбиени, а 11 се во постапка. По овој основ, заклучно со 31 декември 2025 година, Фондот наплатил 4 милијарди 222 милиони 217 илјади и 2 денари.

CATEGORIES
Share This