СИЛНА ТРГОВСКА СОРАБОТКА МЕЃУ КИНА И ГЕРМАНИЈА – Кинезите планираат да нарачат до 120 авиони од Ербас
Германија предупредува на растечки трговски дефицит од над 80 милијарди евра

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска соопшти дека Кина планира да нарача до 120 авиони од Ербас.
По средбата со кинескиот претседател Шји Џјинпинг во Пекинг, Мерц истакна дека овој договор ќе претставува значаен чекор во проширувањето на економските односи меѓу двете земји, пренесе „Шпигел“.
„Кинеското раководство ќе нарача голем број дополнителни авиони од Ербас“, рече Мерц.
Тој додава дека постои можност и за други договори со германски компании, иако не сите се финализирани.
И покрај напредокот во економските разговори, канцеларот предупреди на огромниот трговски дефицит меѓу Германија и Кина, кој моментално изнесува над 80 милијарди евра.
„Овој дефицит се зголеми четирикратно од 2020 година, а тоа не е здраво“, нагласи Мерц.
Тој ја истакна потребата од намалување на дефицитот и создавање на фер и транспарентна конкуренција.
Исто така, тој додаде дека сè уште постои потенцијал за понатамошен раст на економиите на двете земји, но за тоа е неопходен дијалог на ниво на ЕУ-Кина, кој би можел да ги реши прашањата за монетарната и трговската политика.
