ЖЕСТОК СУДИР МЕЃУ МИЦКОСКИ И ФИЛИПЧЕ – Конзули, универзитети, дрога, Груби

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата нема никаква улога во одлуката за куќниот притвор на Артан Груби, нагласувајќи дека станува збор за исклучива надлежност на судската власт.

ЖЕСТОК СУДИР МЕЃУ МИЦКОСКИ И ФИЛИПЧЕ – Конзули, универзитети, дрога, Груби
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека целосно го разбира револтот на граѓаните поради одлуката поранешниот вицепремиер Артан Груби да добие куќен притвор, но нагласи дека станува збор за исклучива одлука на судската власт, во која Владата нема никаква улога.

Ова беше кажано за време на жесток дуел во Собранието меѓу Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања.

Филипче го отвори дуелот со прашања поврзани со назначувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Северна Македонија во Србија. Тој побара од премиерот да објасни кои критериуми ги исполнува Адамовиќ и дали постои лична релација меѓу нив.

„На социјалните мрежи гледаме ставови дека Македонија е „српска земја“. Дали тоа е пријателство кон државата? Дали АНБ ги проверила неговите врски и минато“? – праша Филипче,

Тој посочува и на неговите јавни појавувања на настани на ВМРО-ДПМНЕ и блискоста со српската владејачка партија СНС.

Мицкоски одговорноста ја префрли на македонската дипломатска мисија во Белград, посочувајќи го амбасадорот Никола Тупанчевски како надлежен за таа постапка.

Филипче остро го критикуваше и новиот закон за високо образование, оценувајќи дека станува збор за упад во автономијата на универзитетите.

„Целата академска заедница е против. Овој закон е противуставен“ – рече тој, додавајќи дека министерката за образование Весна Јаневска работи под притисок на премиерот.

Мицкоски возврати дека Владата нема да се повлече и дека реформите се неопходни за подигнување на квалитетот во високото образование, вклучително и задолжителни објави во меѓународни научни списанија.

Лидерот на СДСМ го спомена и случајот со пет тони прошверцувана марихуана од Македонија во Србија, обвинувајќи дека институциите не реагирале и дека во синџирот се вклучени луѓе блиски до СНС.

Во делот за европската интеграција, Мицкоски одговори со веќе познатата реторика за „мекотелна политика“, обвинувајќи ја опозицијата дека покажувала слабост во заштитата на националниот идентитет.

Иако опозицијата избегна директно прашање за Груби, тоа го стори пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов, кој побара јасен одговор дали имало договор меѓу Владата и ДУИ за негово пуштање или враќање.

Мицкоски категорично ги отфрли тие обвинувања.

„Нема никаква логика да се договарам со луѓе кои отворено посакувале мој политички и човечки крај. Груби е обезбеден од органите на редот. Сè понатаму е одлука на судската власт“ – изјави премиерот.

Тој додаде дека разбира зошто јавноста е вознемирена, но нагласи дека процесот ќе си го даде одговорот.

„Ги разбирам граѓаните и нивниот револт. Времето работи. Како што вели една грчка изрека, големите работи се случуваат во тишина“ – порача Мицкоски.

CATEGORIES
TAGS
Share This