ЕУ ПОРАЧУВА – Унгарија и Словачка имаат доволно резерви на нафта
Европската комисија инсистира на постепено намалување на зависноста од Русија

Европската комисија денеска соопшти дека Унгарија и Словачка имаат доволно резерви на нафта и во моментов нема непосредна закана за нивното снабдување. Алтернативната рута за испорака е Хрватскиот јадрански гасовод (ЈАНАФ), кој има капацитет да ги покрие потребите на двете земји.
Портпаролката на Комисијата, Ана-Каиса Итконен, рече дека Групата за координација на нафтата се состана утрово за да ја разгледа безбедноста на снабдувањето и краткорочни ризици, вклучувајќи го и оштетениот нафтовод „Дружба“. На состанокот, Унгарија и Словачка потврдија дека почнале да ги користат сопствените резерви, а Хрватска истакна дека неруската нафта веќе се транспортира преку ЈАНАФ.
Дополнителни количини на неруска нафта договорени од унгарската компанија МОЛ пристигнуваат на хрватскиот терминал, обезбедувајќи дополнителна сигурност на снабдувањето. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се заблагодари на хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, за поддршката во транспортот на нафта до Унгарија и Словачка и побара забрзување на поправките на „Дружба“.
Главната портпаролка Паула Пињо нагласи дека најважно е да има доволно нафта, без оглед на нејзиното потекло, што овозможува постепено намалување на зависноста од Русија.
Испораките на руска нафта преку „Дружба“ се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, руски беспилотни напади го оштетиле нафтоводот во западна Украина. Унгарија и Словачка ја обвинуваат Украина, додека Киев тврди дека работи на поправка.


