ТОА БЕШЕ ХОРОР ВО ПУЛС – Ана Костадовска сведочи за трагедијата во Кочани
Сведочење на придружниот вокал за моментите кога избувнал пожарот на сцената.

Ана Костадовска, придружен вокал и соработник на музичката група ДНК, денеска сведочеше на судењето за трагедијата што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Таа истакна дека не била постојан член на бендот, туку ангажирана по потреба, во зависност од настапите. На настапите заедно со неа била и Сара Пројковска, а техничката поддршка ја обезбедувал Мартин Атанасов. Таа додаде дека никогаш лично не видела кој ги поставувал прскалките на сцената, иако тие години наназад се користеле без инциденти.
„Стоеја до нас, прскаа и во опремата, но никогаш претходно немало инцидент“, рече Костадовска во судот.
На денот на трагедијата, Ана пристигнала во диското со Андреј од ДНК и Сара, додека Панчо дошол подоцна. Подготовките ги правеле во импровизирана просторија одвоена од главната сала, која имала и импровизиран тоалет. Настапот започнал во 1:30 часот по полноќ. Дискотеката била преполна, па тие морале да се пробиваат низ толпата за да стигнат до сцената. Прскалките, според сведочењето на Костадовска, секогаш се активирале на иста песна.
Кога пожарот избувнал, таа почувствувала топлина и го забележала огнот:
„Почувствував топлина и кога погледнав нагоре, гореше.“
Таа се симнала од бината и се обидела да ги повика и другите да излезат, но вратата била заклучена со катанец. Пробале да најдат друг излез кон шанкот, но започнало стампедо, проследено со пукање на пластика.
Костадовска и Сара успеале да стигнат до делот кај тоалетите, но биле разделени во метежот. Ана паднала непосредно пред излезот, затрупана од луѓе:
„Имаше страшен мирис што те тераше да заспиеш. Се трудев да останам свесна. Еден дечко до мене не држеше будни сите. Ногата ми беше приклештена, имаше луѓе над мене. Сцената беше како хорор.“
Таа не се сеќава кој ја спасил, освен дека непознато момче ја ослободило ногата и таа успеала да излезе од дискотеката.
За несреќата се обвинети над 30 физички и три правни лица, вклучувајќи сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.


