ТРАГЕДИЈА ВО ПУЛС – Судењето продолжува со сослушување на сведоци
Над 30 физички и три правни лица се обвинети за трагедијата, меѓу кои сопственици, управители, инспектори и државни службеници.

Судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, денеска продолжува со сослушување на сведоци по предлог на Јавното обвинителство во судницата во „Идризово“.
На претходните рочишта беа сослушани повеќе сведоци кои присуствувале во дискотеката во моментот на трагедијата. Тие во своите искази ја опишаа атмосферата на паника и хаос, предизвикана од пламените јазици и густ чад, како и последиците што ги трпат и денес.
За денешното рочиште е најавено сослушување на уште пет сведоци.
Во воведното излагање на почетокот на процесот, обвинителот Борче Јанев нагласи дека судењето претставува чекор кон утврдување на личната и институционалната одговорност.
„Општеството мора да се соочи со вистината и кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во ‘Пулс’. Бараме правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност“, рече Јанев.
Одбраната, пак, преку адвокатите на обвинетите, ги оспорува основите на обвинението. Тие тврдат дека обвинетите не можеле да предизвикаат пожар бидејќи поседувале валидна документација, а трагедијата ја припишуваат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци кои, според нив, ќе ја потврдат оваа теза.
Пожарот избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“. Во објектот имало повеќе посетители од дозволениот капацитет, меѓу нив и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Локалот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимални технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
За трагедијата се обвинети над 30 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.
Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинителството е застапувано од тим од 15 јавни обвинители.


