МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА – Предлог-законот за високо образование е отворен за доработка

Ректоратот на УКИМ бара поголема автономија и слобода во изборот на академски звања

МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА – Предлог-законот за високо образование е отворен за доработка
Фото: Принтскрин

Професорите од Факултетот за драмски уметности (ФДУ) имаат многу забелешки на новиот нацрт-закон за високо образование и нацрт-законот за квалитет во образованието. По петочната средба, Ректоратот на УКИМ излезе со низа забелешки, најмногу поврзани со автономијата на универзитетите и изборот и реизборот во академски звања. Денеска тие ги презентираа овие забелешки на јавната дебата пред министерката за образование, Весна Јаневска.

Ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, посочи дека нормативната комисија минатата недела интензивно работела на коментарите и забелешките од УКИМ. Таа очекува поголема автономија за универзитетите, како функционална и кадровска, и смета дека некои пререгулирани делови од законот треба да се релативизираат или отстранат за да се овозможи слобода при избор и реизбор во звања.

Ангелова додаде дека УКИМ е во преговори со експерти од Шангајската листа, кои треба да одржат обуки за зголемување на бројот на научни трудови и исполнување на критериуми за Scopus и Web of Science, со цел македонските универзитети да се најдат на оваа листа.

Илија Ацески, професор на Филозофскиот факултет, истакна дека клучна забелешка е регулирањето на квалитетот на образованието. Според него, квалитетот треба да се проценува според способноста на студентите да работат во својата област, а не според периферни прашања.

Бесфорт Издири, професор од ФДУ, рече дека факултетот има долг документ со забелешки на законот, особено за автономијата на универзитетите. Тој посочи дека уметничките факултети се речиси неземени предвид во законот, што создава тешкотии во реализацијата на нивните специфични програми.

Министерката Јаневска коментираше дека предлог-законот за високо образование го регулира напредувањето во звања. Според неа, критериумите треба да се подигнат, затоа што укинувањето на одредби од законот од 2018 година довело до опаѓање на квалитетот на високото образование. Таа додаде дека законот нуди меритократија, интернационализација и мотивација за соработка и научноистражувачка работа, и дека е отворен за доработка според сугестиите од академската заедница.

Јаневска истакна дека сите јавни расправи треба да завршат, по што законот ќе биде објавен на ЕНЕР и ќе влезе во владина процедура. Таа информираше и дека е објавен Предлог-законот за научно-истражувачка дејност, а членови на МАНУ се согласуваат дека се потребни промени во високото образование и ќе ги достават своите забелешки до Министерството за образование и наука.

CATEGORIES
Share This