ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ – Идеите стануваат проекти, проекти-нови работни места
Македонија избира економија базирана на знаење, дигитализација и нови работни места

Македонија започнува стратешка трансформација кон земја на знаење, наука и иновативна економија. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на првата седница на новоформираниот Совет за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво.
Мицкоски нагласи дека Советот нема да биде само административна форма, туку клучен механизам преку кој науката, истражувањето и дигитализацијата ќе станат главни двигатели на економскиот раст.
„Светот се менува со огромна брзина. Нашата цел е јасна и да создадеме услови во кои знаењето се претвора во иновација, иновацијата во производ, а производот во нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните“, рече премиерот.
На првата седница, на која учествуваа претставници од клучни министерства, академската заедница и експерти, беше усвоена Четиригодишната програма за поттикнување на иновациите и технолошкиот развој. Програмата обезбедува целосна поддршка, од развој на идејата, преку истражување и пилотирање, до нејзина комерцијализација.
Главната цел на оваа политика е директна поддршка на стартапи, технолошки компании и иновативни мали и средни претпријатија. Агенцијата за иновации (ИНОВА) ќе биде водечка во имплементацијата, во координација со министерствата за образование, дигитална трансформација и економија, како и со универзитетите и приватниот сектор.
„Овој Совет испраќа јасна порака: Македонија избира економија базирана на знаење. Избираме нови работни места, повисока продуктивност и подобар стандард за сите граѓани“, заклучи Мицкоски.
Тој додава дека е време идеите да се претворат во конкретни проекти и реални резултати.


