АЛИУ ПРОВЕРУВА ЛИЦЕНЦИ – Во тек постапка за одземање на дозволи кај шест компании
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека шест од десет процесуирани компании не ги исполнуваат законските услови и за нив е покрената постапка за одземање лиценци.

Министерот за здравство Азир Алиу во телевизиска изјава вели дека од десет компании со лиценци за одгледување медицинска марихуана кои досега биле процесуирани, за шест е покрената постапка за одземање на дозволите.
Според Алиу, причината е тоа што тие компании не ги исполнуваат законските услови за лиценцирање. Тој појасни дека во оваа фаза не може да изнесува дополнителни детали, бидејќи постапката сѐ уште трае.
На прашањето дали ќе ги објави имињата на компаниите, министерот одговори дека тоа нема да го стори додека процесот не заврши. Како што најави, конечната одлука, заедно со причините и имињата на компаниите за кои Министерство за здравство утврдило неправилности, ќе биде соопштена во вторник.
Алиу додаде и дека во наредниот период ќе следуваат измени на правилниците со кои се регулира оваа дејност.


