МУРИЊО ПО МЕЧОТ БЕНФИКА-РЕАЛ – Винисиус требаше да слави, не да се расправа
Жозе Мурињо вели дека ги сослушал двете страни и не сака однапред да пресуди за инцидентот

Тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, даде свој коментар за контроверзната ситуација со Винисиус Жуниор за време на натпреварот против Реал Мадрид.
Во првиот натпревар од плејофот на Лига на шампионите, Реал Мадрид славеше минимална победа од 1:0 на гостински терен. Средбата беше накратко прекината во второто полувреме, откако Винисиус го обвини фудбалерот на Бенфика, Џанлука Престиани, дека го навредил на расна основа, нарекувајќи го „мајмун“.
По инцидентот, Престиани ја покри устата со дресот, поради што не можеше да се утврди што точно било изговорено.
„Разговарав со двајцата играчи. Винисиус кажа едно, Престиани друго. Не сакам целосно да му верувам на Престиани, но исто така не можам да тврдам дека Винисиус е во право. До тој момент, тоа беше одличен натпревар. Бенфика започна многу добро, но Реал Мадрид е исклучително силен тим и го презеде контролата околу 30. или 35. минута. Винисиус постигна гол што можат да го дадат само тој или Килијан Мбапе. Наместо да биде во прегратка на своите соиграчи, тој се расправаше со 60.000 луѓе на стадионот“ – изјави Мурињо за „Мовистар“.
Реванш-натпреварот меѓу Реал Мадрид и Бенфика ќе се одигра на 25 февруари во Мадрид.


