БОЖИНОВСКА ВО ПРИЛЕП – Рударството како локален економски двигател со строги стандарди

Министерката Сања Божиновска и градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски разговараа за концесиите, локалните бенефити и заштитата на животната средина

БОЖИНОВСКА ВО ПРИЛЕП – Рударството како локален економски двигател со строги стандарди
Фото: Принтскрин

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, за време на работната посета на Прилеп одржа средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која беа разгледани актуелните состојби и развојните потенцијали во рударскиот сектор, како и придобивките што локалната самоуправа ги остварува од концесиските активности.

Од Кабинетот на министерката информираат дека на средбата било посочено оти Прилеп е една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што има значително влијание врз локалниот економски развој, отворањето нови работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Воедно, било разговарано и за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од воспоставување стабилен баланс меѓу економскиот раст и заштитата на животната средина.

Посебен акцент бил ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што било истакнато дека е неопходно доследно почитување на законските обврски, работните стандарди и континуиран дијалог со локалната заедница, со цел обезбедување одржлив развој на рударскиот сектор.

„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакнала министерката Божиновска.

На средбата било разговарано и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што било најавено отворање нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Со зголеменото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе се овозможи подобар теренски увид, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за поголема транспарентност и зајакнување на довербата во работењето.

Министерката Божиновска нагласила дека Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел и развој на рударството како значаен економски двигател, но со целосно почитување на законските прописи и интересите на граѓаните.

CATEGORIES
Share This