УКРАИНА ПОДГОТВЕНА ЗА МИР – Но не и за руски ултиматуми
Претседателот на Украина нагласува дека компромисите се можни, но независноста и суверенитетот не се на продажба, а руските барања ги оценува како ултиматум.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека Украина е подготвена да преговара за мир врз основа на принципот „да стоиме таму каде што стоиме“, односно по линијата на фронтот, но дека нема да прифати руски ултиматуми кои значат понатамошна окупација на територијата.
Во интервју за Kyodo News, Зеленски нагласи дека компромисите се можни, но не по цена на независноста и суверенитетот на Украина. Тој повтори дека Русија е агресор и дека тоа го признаваат многу земји.
„Подготвени сме за компромиси со Соединетите Американски Држави, но не сакаме постојани ултиматуми од Русија. Тие се агресорот и тоа не се промени. Многу земји, вклучувајќи ги посредниците од Блискиот Исток и Азија, го признаваат ова“, рече Зеленски.
Тој посочи на фактот што Русија окупирала речиси 20% од украинската територија и дека Киев е спремен за мир по фронтовските линии, веќе претставува голем компромис. Зеленски ги оцени руските барања како ултиматум:
„Ова е тероризам. Дури и зборовите сами по себе се тероризам. ‘Подготвен сум да не ве убијам дајте ни сè’. Што значи ова? Ова не е компромис, ова е ултиматум.“
Тој додаде дека по разговорите во Женева е постигнат напредок во воените прашања, како следење на прекинот на огнот, но дека ставовите за политичките теми, териториите и други чувствителни прашања остануваат различни.


