НОВО СЦЕНАРИО ОД БРИСЕЛ – Членство на Македонија во ЕУ во 2027 без право на глас

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека сценариото се разгледува во Брисел и е поврзано со мировниот план за Украина

НОВО СЦЕНАРИО ОД БРИСЕЛ – Членство на Македонија во ЕУ во 2027 без право на глас
Фото: Принтскрин

Во контекст на евроинтеграциите, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека постои можност Македонија да стане дел од Европската Унија, но без право на глас, уште во 2027 година. Според него, ова сценарио е поврзано со поширок мировен план за Украина.

Ставот на македонскиот премиер доаѓа само еден ден откако српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија е подготвена да прифати членство во ЕУ без право на глас.

Мицкоски посочи дека во Брисел сè погласно се зборува за модел на забрзана интеграција на Украина во рамките на ЕУ, со цел полесна идна реконструкција на земјата. Таквиот пристап, според него, би бил непринципиелен кон земјите од Западен Балкан, поради што се разгледуваат две можни сценарија.

„Првото сценарио предвидува Украина, заедно со Црна Гора, Албанија и Македонија, да станат членки на ЕУ и на почетокот на 2027 година македонското знаме да се вее во Брисел, но без право на глас. Земјата би учествувала во работата на Советот, комитетите и другите тела, со силни механизми за внатрешна контрола“, изјави премиерот.

Тој нагласи дека ваквата интеграција би била условена со усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и со исполнување на стандардите за владеење на правото. На прашањето дали тоа подразбира и уставни измени, Мицкоски одговори дека „претпоставува дека ќе биде така“, имајќи предвид дека тие биле усвоени од претходната влада.

Вториот услов, според него, е паралелно приклучување на останатите земји од регионот – Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Молдавија.

„Ова се слуша и во Брисел и во Минхен, но исходот зависи од многу фактори и мировниот план за Украина, консензусот околу можен мировен договор и други параметри. Светот брзо се менува и ние мораме мудро да ги предвидуваме и да се прилагодуваме на тие промени“, порача Мицкоски.

CATEGORIES
TAGS
Share This