ЗАПОЧНА РАМАЗАНСКИОТ ПОСТ – Месец на духовно прочистување и самодисциплина
Од изгрејсонце до зајдисонце – воздржување од храна, пијалак и лоши дела

Верниците од исламска вероисповед рано изутринава го започнаа Рамазанскиот пост, кој ќе трае 29 дена и ќе заврши на 20 март. Во текот на овој период, од изгрејсонце до зајдисонце, тие се воздржуваат од храна и пијалак, како и од лоши мисли и дела, со цел духовно и физичко прочистување.
Според исламската традиција, месецот Рамазан е време кога првите стихови од Куранот му биле објавени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1.400 години. Постот е еден од петте столбови на исламот и претставува задолжителна верска обврска за сите полнолетни и здрави муслимани. Исклучок се болните, бремените жени и лицата кои извршуваат тешка физичка работа.
По завршувањето на постот, на 20 март започнува Рамазан Бајрам, кој се одбележува три дена. Првиот ден од празникот е државен празник и ќе биде неработен ден за сите граѓани. Празнувањето традиционално се одбележува со собирање на семејството, празнична трпеза и посета на роднини и пријатели.
Рамазан е деветтиот месец од исламскиот календар и претставува период на засилена молитва, хуманост и солидарност.
Во пресрет на почетокот на постот, поглаварот на Исламската верска заедница, реисул-улема Х. Хфз. Шаќир ефенди Фетаи, упати порака до верниците во која истакна дека Рамазан е месец на духовна преобразба и продлабочување на врската со Аллах.
Тој нагласи дека целта на постот е богобојазливоста и постојана свесност за Божјото присуство, која го насочува човекот во мислата, зборот и делото. Според него, Рамазан претставува школа на дисциплина и карактер, каде што воздржувањето од дозволеното ја зајакнува самоконтролата и помага во избегнување на забранетото.
Фетаи порача дека вистинскиот пост не подразбира само воздржување од храна, туку и од раздор, клевета и горделивост. Тој повика верниците месецот да го искористат за искрено покајание, простување и зацврстување на меѓусебната одговорност, солидарност и единство.
„Да го започнеме овој Рамазан со решителност за вистинска промена, со искреност во делата и одговорност во одлуките. Нека овој месец донесе мир во нашите семејства, единство во заедницата и благослов за татковината“, се наведува во пораката.
Со желби за лесен и прифатен пост, реисул-улемата им посака на верниците благословен Рамазан, исполнет со духовен напредок, добрина и правда.


