ЌЕ СЕ МОЛИМЕ ДА ОСТАНЕМЕ ЖИВИ – Владата се повлекува од набавката на нов авион
Авионот, според Мицкоски, не би се користел само за владините обврски, туку и за хуманитарни цели.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата ќе се повлече од намерата за набавка на нов државен воздухоплов и дека ова прашање ќе го остави за некоја идна влада. Според него, темата е беспредметна и неоправдано политизирана, иако, како што нагласи, авионот не би се користел исклучиво за владините потреби, туку и за хуманитарни цели.
Изјавата доаѓа по острите реакции во јавноста поврзани со користењето на владиниот авион од страна на државни функционери, како и по ставот на Владата дека нема простор за зголемување на минималната плата, во период кога се најавуваше можноста за купување нов државен авион.
Мицкоски употреби и фаталистички тон, велејќи дека Владата ќе се повлече од набавката и „ќе се моли да остане жива“.
„Ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и доколку починеме, тогаш претпоставувам дека на сите ќе им стане јасно дека оваа дебата е одвишок и дека е беспредметна за оваа влада, а можеби релевантна за некоја идна“, изјави премиерот, одговарајќи на новинарско прашање за користењето на владиниот авион и најавената набавка на нов воздухоплов.
Тој нагласи дека ја следи и ја разбира дебатата што ја отвора опозицијата, но оцени дека станува збор за обид за создавање вештачка тема за политички напади.
„Тој воздухоплов не би го користела само Владата, туку и за хуманитарни причини“, рече Мицкоски на маргините на конференцијата за сузбивање на сивата економија во Скопје.
Премиерот потенцираше дека користењето на владиниот воздухоплов е соодветно на реалните потреби на Владата, правејќи споредба со службените возила.
„Тоа е исто како да прашаме зошто користите службено возило ‘шкода суперб’ и кој одлучил токму тоа возило да ве превезува од точка А до точка Б“, рече тој.
Осврнувајќи се на медиумските написи, Мицкоски прецизираше дека владиниот воздухоплов го користел четири, а не три пати.
Првиот пат, како што рече, бил на покана на унгарскиот премиер Виктор Орбан, за билатерална средба во Будимпешта. Потоа патувал со комерцијален лет до Виена, поради недостапност на еден член од екипажот, а владин авион бил испратен да го врати во Скопје поради итни обврски. За време на престојот настапил и на настан организиран од сестринската партија Фидес.
Вториот пат го користел авионот за патување до Белград и назад, исто така на покана на истата партија.
Третиот пат, како што објасни, патувал со комерцијален лет на Croatia Airlines до Сплит, на покана на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, каде имал работна вечера. Поради продолжување на одморот и итни обврски во Скопје, владин авион го вратил од Сплит следниот ден. Премиерот не појасни дали патувал сам или со членови од семејството.
Четвртиот пат бил неодамна, кога заедно со шефот на кабинетот и советникот за надворешни работи, амбасадорот Марковски, патувал до Тирана и назад.
Мицкоски најави дека на почетокот на јуни најверојатно повторно ќе го користи владиниот воздухоплов за еднодневна посета на Подгорица, поради неодложни обврски во Владата.
Тој додаде дека актуелниот владин авион е сè уште во исправна, односно „возна“ состојба, и дека токму екипажот кој управува со него укажувал на потребата од набавка на нов воздухоплов.
За актуелизирањето на темата во јавноста, премиерот ја обвини опозицијата, наведувајќи дека на лидерски средби со претседателот на СДСМ било кажано дека ова прашање не треба да се користи за меѓупартиски напади, бидејќи авионот го користи секоја влада и има и хуманитарна намена.
Според податоците што ги изнесе, актуелниот авион „лирџет“ бил користен само двапати за хуманитарни цели во периодот од летото 2024 до крајот на 2025 година, еднаш за транспорт на повредени лица од пожарот во Кочани и вторпат за евакуација на македонски граѓани од Израел за време на војната во Газа.


