2026 ГОДИНА – Народниот театар Битола ја отвора со претставата „Пламенка“
Премиера на 19 февруари со праизведба на романот на Петре Димовски во режија на Софија Ристевска - Петрушева.

На 19 февруари, Народниот театар Битола ќе ја изведе праизведбата на претставата „Пламенка“, инспирирана од истоимениот роман на Петре Димовски, во режија на Софија Ристевска – Петрушева.
„За мене, Петре Димовски е еден од најголемите македонски автори и голем романсиер и исклучителен раскажувач. Целото свое пишано дело го посветил на луѓето од битолскиот крај, на битолската жена, на трагедиите што се случувале во нашиот регион, на војните и на преживувањето на населението. Неговите приказни се исклучително емоционални и потресни. Мислам дека е многу важно да се негуваат живите македонски автори, особено оние од Битола“, изјави режисерката Ристевска.
Драматизацијата на романот ја изработи Билјана Крајчевска, која подготви седум варијанти пред да стигне до финалната.
„Како што ветивме, акцентот е ставен на македонските автори, драматурзи и креативци, и тоа го реализираме“, истакна директорот Васко Мавровски.
Во претставата играат: Маја Андоновска – Илијевски, Викторија Степановска, Катерина Аневска – Дранговска, Вероника Ефтимова и Валентин Дамчевски. Улогата на Пламенка ја толкуваат три актерки: Вероника Ефтимова, Маја Андоновска – Илијевски и Викторија Степановска – Јанкуловска.
„‘Пламенка’ е претстава каде многу се потрудивме да го најдеме правилниот сценски израз. Драматизацијата ги сведува на околу 45 страници сложените приказни од романот, и во час и десет минути треба да се прикаже еден човечки живот, тежок и исполнет со предизвици. Можеби сме навикнати во македонската драматургија да слушаме за силата и непокорот на жената, но Пламенка е потсетник дека секоја фамилија, секој човек, има по неколку Пламенки во својот живот“, вели Маја Андоновска – Илијевски, која се присети на приказните од својата баба.
Младите актери Валентин Дамчевски и Вероника Ефтимова, за кои ова е прва улога во театарот, истакнаа дека процесот бил исполнет со емоции.
„Претставата во мене пробуди силни чувства за тоа што се случувало со македонскиот народ и нашите предци. Ми беше чест и задоволство да бидам дел од ‘Пламенка’ и се надевам на уште многу соработки“, рече Вероника Ефтимова.
„За мене, ‘Пламенка’ е омаж за жената. Како единствен машки актер во екипата, искрено се обидов да ја претставам подеднаквоста на половите. Процесот беше емоционален, но имаше и смешни моменти. Ме впечатли сцената со законот за колење кози, каде козата се претставува како мајка и хероина“, додаде Валентин Дамчевски.


